Научниците открија неочекуван показател за човечката долговечност - нашите заби
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Античките и средновековните човечки останки покажуваат дека кариесот, стоматолошките апсцеси и воспаленијата што се ширеле низ телото често доведувале до тешки заболувања, па дури и смрт долго време пред современата стоматологија да развие ефикасни третмани. И денес, дури и Светската здравствена организација го препознава влошувањето на оралното здравје како сериозен проблем кај повозрасните лица.
Истражувачи од Универзитетот во Осака во Јапонија анализирале здравствени и стоматолошки податоци на речиси 200.000 лица на возраст од 75 години и утврдиле дека оние со повеќе изгубени или расипани заби имаат зголемен ризик од смртност во споредба со лицата со здрави или пломбирани заби, потврдувајќи ги наодите од претходни истражувања.
Истражувачите наведуваат дека бројот на заби е важен показател за оралното здравје. Мал број на постојни заби е поврзан со низа здравствени проблеми, меѓу кои губење телесна тежина, дијабетес, хипертензија, кардиоваскуларни заболувања, терминална бубрежна болест, деменција, рак и зголемена смртност.
Слични резултати покажале и други истражувања. Во САД, податоците од Националното истражување за здравјето и исхраната укажуваат дека лицата со нелекуван кариес имаат поголем ризик од смртност од која било причина, особено од кардиоваскуларни заболувања. Финско истражување, пак, утврдило дека пациентите со коронарна артериска болест чии заби биле пломбирани живееле подолго од оние што имале кариес без стоматолошки третман.
Со цел да се утврди влијанието и на бројот и на состојбата на забите, тимот од Осака ги следел испитаниците во период од 3-4 години. Забите биле класифицирани како здрави, пломбирани или расипани. Најсилна поврзаност со понизок ризик од смртност била утврдена кај лицата со поголем број здрави и пломбирани заби, додека повеќето починати испитаници имале изгубени или расипани заби.
Дополнително, истражување спроведено од Институтот за науки во Токио ја анализирало врската меѓу кршливоста на забите и смртноста. Оралната слабост вклучува симптоми како губење заби, сува уста, отежнат говор, како и проблеми со џвакање и голтање.
Истражувањето опфатило повеќе од 11.000 повозрасни лица и покажало дека оние со три или повеќе симптоми на орална слабост имале 1,34 пати поголем ризик од смрт за време на следењето. Причината се поврзува со состојби како неисхранетост и физичка слабост, кои произлегуваат од отежнатото внесување храна. Посетите кај стоматолог биле поврзани со приближно една година подолг здрав животен век.
Истражувачите заклучуваат дека оралната слабост е значително поврзана со пократок здрав животен век, додека редовните стоматолошки прегледи се поврзани со подолго и поквалитетно живеење, без разлика на полот или степенот на орални проблеми.
Извор:
Popularmechanics.com
Фото: Freepik