Што се случува кога „обичните смртници“ ќе се обидат да пијат дневна доза алкохол како Винстон Черчил

Што се случува кога „обичните смртници“ ќе се обидат да пијат дневна доза алкохол како Винстон Черчил

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

„Повеќе сум извлекол од алкохолот отколку што алкохолот извлекол од мене“, Винстон Черчил.


Винстон Черчил имал репутација на брилијантен државник и извонреден пијач на алкохол. Поранешниот премиер пиел во текот на целиот ден, секој ден. Исто така, пушел 10 пури на ден и живеел до 90 години.

Првата дама Елеонор Рузвелт се восхитувала што некој може да пуши толку многу и да пие толку многу и да се одржува совршено добро.

Во книгата „Нема повеќе шампањ: Черчил и неговите пари“, авторот Дејвид Лаф ги документира катастрофалните трошоци за алкохол на Черчил, како и бројот на шишиња во Чартвел, неговата резиденција во Кентиш. Еве го билансот за 24 март 1937 година:

-180 шишиња и 30 полушишиња шампањ „пол роџер“

-20 шишиња и 9 полушишиња друг шампањ

-100+ шишиња кларет

-117 шишиња и 389 полушишиња барсак

-13 шишиња бренди

-5 шишиња шампањ бренди

-7 шишиња ликер виски

Сомелиерот за виски Рекс Вилијамс, основач на јутјуб-каналот „Виски трајб“, и водителот на поткаст Ендру Хитон, се обидуваат да откријат што значи еден ден од режимот на пиење на Черчил. Тие не се првите што сакале да спроведат таква активност.

Хари Волоп од „Дејли телеграф“ документирал слична авантура во 2015 година, завршувајќи со сериозна мачнина и, судејќи според неговите 200 правописни грешки, со когнитивно оштетување.

Експериментот на Вилијамс и Хитон не се препорачува да се испробува дома:

ПОЈАДОК

Џони вокер ред - само малку - измешан со сода вода до работ на чашата.


Продолжете со пиење од истото во текот на утрото.


Вака Черчил, кој често ги извршувал своите утрински обврски в кревет, успеал да пие во просек помеѓу 30 и 90 милилитри алкохол пред ручек.

По утрото поминато во пиење, Хитон известува дека се чувствувал „разиграно и шеговито, но сè уште не насилно“.

РУЧЕК

Време е за „амбициозна количина на шампањ!“

Преферираниот бренд на Черчил бил „пол роџер“, иако тој не бил против „гислер“, „моет“ и „шандон“ или „помери“, купени од луксузниот трговец со вино и жестоки пијалаци „рандолф пејн и синс“.

Черчил уживал во шампањот кој го пиел од сребрен сад.

Ручекот завршува со коњак по јадење за да се смири желудникот и да се започне процесот на варење.

ПОПЛАДНЕВНА ДРЕМКА ЗА ОБНОВА

Ова се чини дека е клучен елемент од успехот на Черчил во управувањето со алкохолот. Тој често си дозволувал дури 90 минути дремка за да се соземе од претходното пиење.

ВРЕМЕ ЗА ЧАЈ

Веројатно тој период може да се нарече така, со оглед на времето. Сепак, немало чај. Само постојан прилив на екстремно слабо шкотско виски и газирани пијалаци додека ги извршувал административните обврски.

ВЕЧЕРА


Уште шампањ!!! Уште коњак!!!

-Ова треба да биде врвот на нашата духовитост - му кажува зашеметениот Хитон на својот придружник, кој повраќа откако ќе се разбуди следниот ден.

Нивниот заклучок? Режимот на Черчил е неиздржлив… барем за нив.

И можеби и за Черчил.


Како што открил неговиот колега љубител на шкотско виски, Кристофер Хиченс, во статија од 2002 година во „Атлантик“, една од најпознатите радиоемисии на Черчил:

- Норман Шели, кој го играше Вини Пу за „Детскиот час“ на Би-би-си, говореше наместо Черчил и ги измами милионите слушатели. Можеби Черчил беше премногу онеспособен од пијалаците за да го каже  говорот. Или можеби големиот човек едноставно чувствувал дека го заслужил правото да се опушти со чаша „греамс винтиџ карактер порто“, фино старо шери или старо ликерско бренди, како што имал обичај - истакнал Хиченс.

Извор: openculture.com

Фото: Instagram screenshot