Интернет-корисниците ја одгатнале скриената порака на големиот падобран на роверот „Персевиренс“

Интернет-корисниците ја одгатнале скриената порака на големиот падобран на роверот „Персевиренс“

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Огромниот падобран што го користеше роверот „Персевиренс“ на НАСА за да слета на Марс содржел тајна порака, благодарение на еден љубител на загатки кој бил дел од тимот на НАСА.

Инженерот за системи Иан Кларк користел бинарен код за да напише „Осмели се за моќни работи“ во портокалово-белите ленти на падобранот од 21 метар. Исто така, тој вклучил и ГПС-координати за седиштето на мисијата во Лабораторијата за погонски авиони во Пасадена, Калифорнија.

Кларк, кој обожава да решава загатки, дошол до оваа идеја пред две години. Инженерите сакале необична шема во најлонската ткаенина за да знаат како е ориентиран падобранот за време на слетувањето. Претворањето во тајна порака била одлична забава за тимот на НАСА.

Само шест лица знаеле за шифрираната порака пред слетувањето во четвртокот, вели Кларк. Тие чекале додека не се вратат сликите од падобранот, а биле потребни само неколку часа за обожавателите на вселената да ја откријат пораката.

- Наредниот пат морам да бидам малку покреативен - вели Кларк.

„Осмели се за моќни работи“ е реченица на претседателот Теодор Рузвелт.

Заменик-менаџерот на проектот, Мет Валас, ветува повеќе вакви таканаречени „скриени велигденски јајца“. Тие ќе бидат видливи откако 2-метарската рака на роверот ќе биде распоредена за неколку дена и ќе почне да фотографира под возилото и потоа кога роверот ќе почне да вози.

- Дефинитивно, треба да ги отворите очите и добро да погледнете - вели Валас.

Извор: Apnews.com
Фото:  NASA/JPL-Caltech via AP