Распаѓање на системот во „најсреќната земја во светот“: Илјадници луѓе сакаат да платат за да работат како доставувачи на храна
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Во Финска во моментов 20 илјади луѓе чекаат да станат возачи за достава на храна, во време кога стапката на невработеност достигна рекордни 10,6 отсто, што е највисока во ЕУ.
Финските медиуми неодамна објавија дека веќе има доставувачи кои се подготвени да му плаќаат на договорен „курир“ од 450 до 900 евра месечно или третина од својот дневен приход за да можат да работат. На овој начин регистрираните доставувачи им овозможуваат работа на оние што не се вработени, додека самите веќе пронашле друга работа, но не го раскинуваат договорот.
Борбата за работни места во доставата на храна е само врв на „ледениот брег“ на финските проблеми на пазарот на трудот, меѓу кои е и недостигот на работници за одредени професии.
Има околу 300.000 невработени, а истовремено недостигаат ИТ-експерти, лекари, здравствен персонал, експерти во различни области на зелената транзиција и други висококвалификувани работници во специјализирани професии. Најмногубројни меѓу оние што бараат работа се лица со завршено средно образование, како и социолози и економисти со факултетска диплома.
Повеќе од 50 илјади високообразовани без работа
Тешкотиите на дипломираните економисти во наоѓањето работа можат да се видат и во примерот на Миика Алхопуро од Турку, кој ја изгубил работата во декември кога дознал дека неговиот договор на определено време со градската управа нема да биде продолжен.
Алхопуро не е сам. Во декември минатата година повеќе од 50 илјади високообразовани лица во Финска биле невработени, според статистиката на синдикатот „Акава“. Овие показатели се рекордно високи и предупредуваат дека бројот на невработени со факултетска диплома во Финска е најголем во 21 век.
Нема знаци на забавување на овој тренд. Бавниот економски раст на земјата е една од причините за ваквата состојба, поради што работодавците се повнимателни при вработувањето. Друг фактор е брзата трансформација на пазарот на трудот, кој минува низ структурна трансформација поттикната од дигитализацијата, автоматизацијата и вештачката интелигенција.
Недостиг на искуство
Според анализата на веб-страницата „Телекс“, трансформацијата на пазарот на труд не е единствениот фактор за рекордната невработеност во Финска. Агенцијата укажува на истражување според кое 57 отсто од невработените не би можеле да најдат работа дури и ако економијата доживее значителен раст и се создадат нови работни места.
- Вештините на барателите на работа не се усогласени со работните места на иднината, или нема да бидат вработени поради сè поголемиот недостиг на работно искуство. Од барателите на работа помлади од 30 години, 27 илјади никогаш не работеле ниту еден ден, а тие сочинуваат речиси една десетина од невработените - предупредува „Телекс“, потсетувајќи дека просечната стапка на невработеност во ЕУ е 6 отсто.
Во Финска таа бројка надмина 10 проценти, иако земјата располага со еден од најдобрите образовни системи во светот.
Агенцијата наведува дека финската економија, во услови на бавно закрепнување по пандемијата, западнала во подлабока рецесија од другите земји во еврозоната. До 2023 година показателите на пазарот на трудот биле во согласност со просекот на еврозоната, но потоа дошло до нагла промена – пазарот на трудот се урнал за кратко време, а стапката на невработеност почнала брзо да расте.
Извор:
Nova.rs
Фото: Freepik