Нуклеарен физичар открива малку познати факти за радијацијата по експлозија на атомска бомба

Нуклеарен физичар открива малку познати факти за радијацијата по експлозија на атомска бомба

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Заџинг Сан, нуклеарен физичар од Универзитетот на Невада, Лас Вегас, открил некои помалку познати работи за радијацијата што се јавува по експлозијата на атомска бомба.

Нуклеарните експлозии создаваат опасни остатоци од радиоактивен материјал кои патуваат високо во воздухот, се ладат во форма на прашина и на крајот се спуштаат назад на земјата. За поголемиот дел од овие материјали се потребни неколку дена за да се вратат на земјата, но некои се исфрлаат толку високо во атмосферата што може да се вратат на површината и по години.

Сан работи на истражувања за здравјето и околината во поглед на радиоактивниот отпад, како и примената на радиологијата и нуклеарната физика во медицински цели.

Радиоактивен отпад е пронајден и на дното на океанот

Честичките радиоактивен материјал што стигнуваат до стратосферата можат да поминат големи растојанија, движејќи се со ветерот.

- Значи, ако голема нуклеарна бомба се активира во САД, на пример, последиците би можеле да стигнат до Русија, Европа или Кина, тоа е глобален настан - објаснил Сан.

Научниците откриле радиоактивен отпад од експериментите со нуклеарни бомби во области низ целиот свет, од почвата на Тунис до арктичките глечери, па дури и во најдлабоките делови на океанот, во мускулното ткиво на одредени ракови.

Повеќето Американци носат траги од радиоактивност

Во текот на 50-тите и 60-тите години американската Влада тестирала над 500 нуклеарни бомби. Поради овие активности, во атмосферата има радиоактивни изотопи. Како резултат на тоа, секое лице што живее во САД од 1951 година е изложено на барем некои радиоактивни последици, според истражувањето на Националниот институт за рак и Центрите за контрола и превенција на болести.

Научниците веруваат дека здравствените ризици за повеќето луѓе остануваат мали, меѓутоа, една студија проценува дека последиците предизвикале до 11.000 смртни случаи од рак.

Храната често содржи траги од радиоактивност

Радиоактивниот материјал кој паѓа на кожата е еден од начините на изложување, но изложеноста често се случува на помалку драматични начини, на пример, преку исхраната.

- На пример, поради последиците од полигонот во Невада, некои луѓе во Вајоминг имале стронциум во нивното тело - изјавил Сан.


Фото: Pixabay

Стронциум-90 може да предизвика проблеми со дигестивниот тракт, а бидејќи дејствува како калциум, предизвикува коските да го апсорбираат, што може да доведе до рак на коските и други болести.

Калиум јодид може да спречи рак

- Јод-131, еден од опасните радиоактивни изотопи во нуклеарниот отпад, има тенденција да се акумулира во тироидната жлезда и може да предизвика рак на тироидната жлезда на долг рок - вели Сан.

Но, ако земете пилула од друг вид јод - калиум јодид, пред или веднаш по изложувањето на штетни материи, би можеле да го намалите ризикот од рак на тироидната жлезда. Калиум јодидот дејствува бидејќи тироидната жлезда може да апсорбира само одредена количина на јод во исто време. Ако тироидната жлезда веќе апсорбира калиум јодид, нема да има многу простор за радиоактивен јод-131.

Радиоактивноста од атомска бомба е помалку опасна од катастрофите во нуклеарните централи

- Нуклеарниот реактор ослободува многу повеќе радиоизотопи за време на топењето отколку нуклеарната бомба кога ќе експлодира - објаснува Сан.

На пример, катастрофата во Чернобил ослободи околу 10 пати повеќе радијација од нуклеарното бомбардирање на Хирошима во Втората светска војна. Денес, зрачењето во Хирошима е еднакво на нормалното, но во Чернобил, некои елементи, како што се стронциум-90 и цезиум-137, сè уште постојат на покачени нивоа.

Само 15 отсто од енергијата ослободена при експлозија на атомска бомба доаѓа од нуклеарно зрачење

- Мислам дека луѓето се многу загрижени за радиоактивноста, но имајте на ум дека поголемиот дел од енергијата од атомската бомба се ослободува веднаш - објаснил Сан.

Околу 35 отсто од таа енергија доаѓа од топлинското зрачење, додека околу 50 отсто е енергијата на експлозивниот удар. Само 15 отсто од енергијата на нуклеарното оружје доаѓа од радиоактивно зрачење, а голем дел од тоа доаѓа во првата минута од експлозијата. Тоа не значи дека радиоактивноста не е опасна или страшна.

Извор: Klix
Насловна фотографија: Pixabay