Во следните три години поларната светлина ќе биде повидлива и поубава

Во следните три години поларната светлина ќе биде повидлива и поубава

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Постои нешто магично во глетката на небото исполнето со нијанси на зелена, сина и розова боја, а тоа им е добро познато на сите што патувале на крајниот север за да ја видат поларната светлина во живо. Сè повеќе луѓе сакаат да ја „уловат поларната светлина“, па така таа стана голем дел од туризмот вo нордиските земји и во земјите од Арктичкиот Круг.

Ако и вие планирате патување на север, добрата вест е дека шансите да видите магија на небото ќе се зголемат во следните три до четири години. Причината е што се приближуваме до соларниот максимум, времето кога поларната светлина на небото е најактивна и најживописна.

За што станува збор и кој е долгоочекуваниот соларен максимум? Едноставно кажано, поларната светлина се создава кога Сонцето исфрла електрично наелектризирани протони и електрони кон Земјата, а кога овие честички ќе се сретнат со магнетното поле на нашата планета во поларните региони, каде што температурата е ниска, тие се мешаат со гасовите во Земјината атмосфера.

Произведената енергија се трансформира во ефектот што го знаеме како поларна светлина. Тоа се случува речиси во секој момент, но неговиот интензитет варира. Но, во времето на сончевиот максимум, во кој ќе влеземе, неговата видливост се зголемува.

aurora
Фото: Freepik


За жал, поларната светлина не се појавува „на барање“, туку може да се види само во одредени периоди од годината, кога постојат добри услови за тоа. Најдобар период за „ловење“ на поларната светлина е ноќта, бидејќи колку е потемно небото, толку полесно се гледаат боите. Исто така, поголема е веројатноста да ја видите поларната светлина во зима, од октомври до април.

Каде да одите?


Поларната светлина може да се види само на северната хемисфера, додека на јужната хемисфера може да видите аурора астралис. Најдобрите места за гледање на поларната светлина се нордиските земји: Исланд, Норвешка, Шведска и Финска, кои се наоѓаат во или во близина на Арктичкиот Круг, а може да се види и во Русија, Алјаска и Северозападна Канада. Теоретски, можете да ја видите и во други земји, но ретко, па за „ловење“ на оваа природна магија треба да патувате што посеверно.

Извор: Putnikofer.hr
Фото: Unsplash