Милијардер гради совршена копија на „Титаник“

Милијардер гради совршена копија на „Титаник“

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Обожавателите на „Титаник“ ќе бидат воодушевени од веста за продолжување на работата на верната реплика на бродот, чие прво патување е закажано за јуни 2027 година.

Австралискиот милијардер Клајв Палмер и неговата компанија „Блу стар лајн“ се одговорни за изградбата на модерниот брод кој ќе обезбеди атмосфера од некогашните патувања.

Палмер најавил дека го финализираат проектантскиот план за изградбата на „Титаник 2“.

„Титаник 2“ е замислен како совршена реплика на познатиот „Титаник“, бродот што потона во 1912 година по судир со санта мраз на првото патување меѓу Велика Британија и Соединетите Американски Држави. Тоа е веројатно најпознатиот бродолом во светот.

Плановите за изградбата на „Титаник 2“ постојат веќе неколку години, но тие биле забавени поради кризата во индустријата за крстосувања поради пандемијата на коронавирусот. Сега тие се подготвени да ги ангажираат најдобрите бродоградители, дизајнери и инженери за да изградат реплика на легендарниот брод. Првото патување е најавено за јуни 2027 година.

„Титаник 2“ ќе тежи околу 56.000 тони, ќе се состои од девет палуби и ќе биде со иста должина како првиот, 269 метри. Ќе има 835 кабини, вклучувајќи 383 кабини од прва класа, 201 кабина од втора класа и 251 кабина од трета класа.

Тие бројки не се идентични со оригиналниот брод, но вкупниот капацитет од 2.435 патници е ист.

Извор: 6yka.com

Фото: Blue Star Line/X