Зошто жените не можат да одолеат на чоколада кога се во ПМС?

Зошто жените не можат да одолеат на чоколада кога се во ПМС?

Подготвил: Билјана Спиркоска

Лектор: Ивана Кузманоска

Многу жени забележуваат дека во деновите пред менструацијата, кога започнува предменструалниот синдром (ПМС), тешко им е да одолеат на чоколада, слатки или храна богата со јаглехидрати и генерално чувствуваат постојан глад. Ново истражување од Универзитетот „Кембриџ“, објавено во „Џурнал оф нутришанал сајенс“, покажува дека овие промени имаат јасна биолошка и психолошка основа.

Што е хедонистички глад?

Емоционалните, физичките, когнитивните и бихевиоралните симптоми, како што се болка, раздразливост, вознемиреност и промени во апетитот, можат да се појават за време на доцната лутеална фаза од менструалниот циклус. Кај жените што се во ПМС овие симптоми се поизразени и можат значително да влијаат врз секојдневното функционирање.

За време на менструалниот циклус има промени во апетитот и навиките и преференциите во исхраната. Покрај тоа, ПМС е поврзан со значајни емоционални и физиолошки промени, вклучувајќи промени во апетитот и желбата за храна. Научниците сакаа да го истражат сложениот однос помеѓу предменструалниот синдром и таканаречениот хедонистички глад, кој се карактеризира со желба за храна од задоволство. Со други зборови, хедонистичкиот глад е потребата за јадење дури и кога лицето не е гладно.

Како се дијагностицира ПМС?

Истражувачите следеле 150 млади жени низ раната фоликуларна фаза, за време на овулацијата, како и низ доцната лутеална фаза, односно периодот непосредно пред менструацијата. Тие ги споредиле жените што биле во ПМС со оние што не биле. ПМС се дијагностицира кога физичките, емоционалните, когнитивните и бихевиоралните симптоми пред менструацијата се доволно силни за да влијаат врз секојдневниот живот и кога се повторуваат од циклус до циклус.

Научниците анализирале три клучни фактори:

- ниво на хедонистички глад;
- желба за одредена храна;
- дневен внес на калории.

Еден од највпечатливите резултати покажал дека жените со ПМС почесто чувствуваат хедонистички глад во текот на целиот менструален циклус. Со други зборови, тие се почувствителни на самото гледање, мирисот или помислата на храна, особено на висококалорична храна. Колку е сложено нештото, покажува фактот дека жените што се во ПМС во доцната лутеална фаза, кога симптомите се најјаки, пријавиле значително поголем дневен внес на калории.

Истражувањето покажало и дека телесната тежина игра важна улога. Жените со прекумерна тежина покажувале поголема желба за храна во раната и средната фаза од циклусот во споредба со оние со нормална тежина. Ова покажува дека хормоналните промени и индивидуалните карактеристики можат да ја обликуваат јачината на нашата реакција на храната.

Хормоните влијаат и врз расположението и врз апетитот

Научниците истакнуваат дека хормоналните промени за време на менструалниот циклус влијаат врз расположението, емоциите и регулирањето на апетитот. Промените на нивоата на естроген и прогестерон можат да влијаат врз системот за наградување во мозокот, но и врз деловите кои се поврзани со контролирањето на емоциите и чувството за глад. Кај некои жени овие промени можат дополнително да ја зголемат желбата за храна.

Авторите на студијата нагласуваат дека зголемениот апетит пред менструацијата не треба да се толкува како немање самоконтрола. Тоа е комплексна комбинација на хормони и начинот на кој мозокот реагира на храната.

Автор: Ивана Вушковиќ
Извор: eklinika.telegraf.rs
Фото:Freepik