Берлин е хит-дестинација годинава  - ова се причините поради кои мора да го посетите

Берлин е хит-дестинација годинава - ова се причините поради кои мора да го посетите

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Берлинската техно-сцена од неодамна е вклучена во листата со светско нематеријално културно наследство на УНЕСКО, но ова лето и многу љубители на спортот ќе се соберат во овој град во Германија. 

Имено, Европското фудбалско првенство ќе се одржи од 14 јуни до 14 јули во Германија, а на Олимпискиот стадион во Берлин ќе се одиграат пет натпревари, вклучувајќи го и финалето на УЕФА Евро 2024.

За време на Евро 2024, чија тема е „Обединети од фудбалот - обединети во срцето на Европа“, Бранденбуршката порта ќе биде посебна атракција. Имено, ќе има фан-зона каде што оние што немаат билети за стадионот, ќе можат да ги следат натпреварите. Истовремено, овој симбол на Берлин ќе стане најголемиот фудбалски гол во светот. Голем зелен тепих ќе биде поставен на „Штрасе дес 17 јуни“.

Берлин, сепак, годинава прославува неколку интересни јубилеи: 20 години од Фестивалот на светлината, половина век од Берлинскиот маратон, 55 години од Берлинската телевизиска кула и, што е особено значајно, 35 години од падот на Берлинскиот ѕид. Тоа е еден од најголемите и најзначајни настани во поновата историја, а патот на Берлин до слободата ќе биде обележан со низа настани и церемонии со високи меѓународни гости.

Атрактивноста на Берлин е добро препознаена на меѓународната сцена. Според изборот „Најдобри градови на светот 2024“ на списанието „Тајм аут“, тој е меѓу првите три најинтересни градови во светот - заедно со Њујорк и Кејптаун. Тој е на трето место меѓу најдобрите европски градови, а во „Студија за патувања во европски градови 2023/2024“, во која биле анкетирани 6.000 луѓе од Германија, Австрија и Швајцарија, Берлин е на првото место. Заедно со Париз, тој е една од најдобрите дестинации за градски патувања.


Берлин е на врвот и поради уметничката сцена. Еден од културните моменти на годината е изложбата „Каспар Давид Фридрих - бескрајни пејзажи“, која ќе трае до 4 август во Старата национална галерија.

Извор: gloria.hr

Фото: Freepik