За хуманитарката Јуле Трајчевска, успехот на Дејан Милошевски на УСА опен, новите анализи на гробот на Филип Втори... Што пишувавме неделава?
Хуманитарката Јуле Трајчевска ги поместува границите на способностите кај лицата со интелектуална попреченост: „Најголем подарок ми е самодовербата во нивните очи“
Во нејзиниот речник не постојат зборовите „не можам“. Со активностите што ги организира, лицата со интелектуална попреченост ги поместуваат границите на своите способности. Ги вклучи во изведба на претставата „Бегалка“ од Васил Иљоски, во рецитали на поезијата од Конески, Шопов и Рацин, заедно со Камерниот оркестар од Битола и познати музички изведувачи на концерт ја испеаја песната „За овој свет“ од Тоше Проески.
Дејан Милошевски освои злато на интернационалниот карате-натпревар на УСА опен: „Тоа не е само злато, тоа е победа на духот“
Ова злато е повеќе од медал. Ова е доказ дека нема невозможна мисија кога срцето е водич. И ова не е само моја победа, ова е победа на македонската дијаспора, на сите нас што не забораваме од каде сме. Ова е повик до сите - да продолжиме да ја претставуваме Македонија со гордост, страст и љубов, без разлика каде сме на мапата, истакнува тренерот, натпреварувач и судија Дејан Милошевски.
Игор Ефтимовски, докторанд по археологија: „Новите анализи даваат дополнителна тежина на широко прифатеното толкување од пред 45 години дека Филип Втори е погребан во гробницата број 2 во Кутлеш“
Без разлика на тоа што новата анализа покажа дека човечките останки пронајдени во Гробницата на Персефона, односно во гробот број 1 од Големата гробница во Кутлеш, денешна Северна Грција, не се на Филип II, сепак останува фактот дека овие гробници се вбројуваат меѓу најзначајните археолошки откритија од античка Македонија и воопшто на античкиот период, вели м-р Игор Ефтимовски, докторанд по археологија.