Речиси 90 отсто од летечките инсекти во болниците носат потенцијално штетна бактерија

Речиси 90 отсто од летечките инсекти во болниците носат потенцијално штетна бактерија

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Мувите во болниците се многу поголема закана од досадното брмчење. Според една студија објавена минатата недела, речиси 9 од 10 летечки инсекти собрани од 7 болници во Англија носеле потенцијално штетна бактерија на или во нивните тела.

Повеќе од половина од идентификуваните бактериски видови биле таканаречени „супербубачки“, што значи дека тие биле отпорни на најмалку една класа антибиотици, со речиси 20 отсто отпорни на повеќе класи на антибиотици. Пеницилинот е најмалку ефикасниот антибиотик против пронајдените бактерии.

Резултатите од оваа голема микробиолошка анализа покажуваат дека различни летечки инсекти собрани од британските болници навистина имаат патогени бактерии од различен вид, смета Федерика Боиочи, водечки автор на студијата.

- Сепак, она што е навистина интересно е високиот степен на бактерии отпорни на лекови пронајдени во овие примероци. Тоа е потсетник за тоа како нашето прекумерно користење на антибиотици го отежнува справувањето со инфекциите - истакна таа.

На или во инсектите биле идентификувани 86 бактериски видови, а фамилијата во која се вклучени ешерихија коли и салмонела (Enterobacteriaceae) се најчестите со 41 отсто од видовите.

Истражувачите собрале речиси 20.000 летечки инсекти во текот на 18 месеци. Повеќе од три четвртини од собраните инсекти биле муви, заедно со мравки, пчели, оси и молци.

- Болниците во Англија се екстремно чисти околини и ризикот од инсекти што би носеле бактерии и би ги пренеле на пациенти е многу мал. Ние во овој труд велиме дека дури и во најчистите средини, важно е да се преземат чекори за превенција на внесувањето на бактериите во болниците од страна на инсектите. Болниците во Англија ќе имплементираат многу од овие мерки, но има едноставни чекори што може да се преземат за ова дополнително да се подобри - истакна Ентони Хилтон, професор по применета микробиологија и коавтор на студијата.

Поголем број инсекти биле собрани напролет и во текот на летните сезони од повеќе области во болниците, вклучително и на местата каде што се подготвувала и чувала храната за пациентите, посетителите и вработените, како и во собите на пациентите и неонаталните оддели.