Што може да научиме од Холандија за работата од дома?

Што може да научиме од Холандија за работата од дома?

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Холандија можеби ја има разбрано работата од дома на поинаков начин од остатокот од светот.

Многу компании ги испратија вработените да работат од дома во последниве месеци поради пандемијата. Додека сите се адаптираат на „новиот нормален живот“, некои експерти предвидуваат дека голем дел од компаниите ќе продолжат да им дозволуваат на работниците да работат од дома.

Но, за некои луѓе пандемијата не сменила ништо во поглед на работната околина. Во Холандија 14,1% од вработените граѓани велат дека најчесто работат надвор од канцелариите. Ова се податоци од периодот пред пандемијата. За споредба, во Велика Британија истото го изјавиле 4,7%, а во САД само 3,6%.


Фото: Pixabay

Иво ван Дум, инженер од Амстердам, објаснува дека Холанѓаните имаат предности кога станува збор за пандемијата. 98% од домовите имаат пристап до брз интернет, но и земјата има технологија и култура која го овозможува работењето од дома.

- Оценет сум по тоа дали ќе покажам вредност, не според фактот дека седам на работна маса девет часа на ден - вели Ван Дум, кој работи во компанијата „Аутх0“, која им дава можност за флексибилни работни часови на работниците, како и буџет за создавање удобна и продуктивна работна околина во домот.

Аукје Наута, професорка по организациска психологија на Универзитетот во Лејден, смета дека работодавците може да побараат инспирација за подобрување на работата на нивните вработени од пристапот на Холандија.

- Вредностите како демократија и учество се длабоко вкоренети во холандската работна култура, па затоа менаџерите повеќе им веруваат на своите работници отколку во другите земји во светот - вели Наута.

На пример, холандската компанија „ИНГ банк“ тестира програма за неограничен одмор, според која работниците би можеле да земат одмор кога ќе посакаат под услов тоа да не се одрази врз нивната работа.


Фото: Pixabay

Но, има и погенерални економски и општествени фактори што влијаат врз работната култура во Холандија. Барт Гете, бизнис-аналитичар и психолог, вели дека во Холандија е добро развиена физичката инфраструктура и има и многу места за работа надвор од канцеларијата.

- Јавните библиотеки се претворија во масивни и удобни модерни простори за работа и има многу мали, квалитетни кафулиња што им служат на вработените - вели тој.

Освен тоа, холандските компании го користат ова за да ги намалат трошоците и да бидат попродуктивни. Многубројните места за работа низ Холандија влијаат врз граѓаните и на друг начин. Имено, околу 1,1 милион работници во Холандија се самовработени. Работната култура им помага на хонорарците и малите стартапи да работат без канцеларија.

Во меѓувреме, во многу други земји работодавците се фокусираат на присутноста, односно бараат од вработените да бидат присутни во канцелариите, без разлика дали тоа им го дозволува физичкото или менталното здравје.

Автор. Кети Бишоп
Извор: Би-би-си