Министрите за образование најкратко траат - се смениле 12 во 18 години

Министрите за образование најкратко траат - се смениле 12 во 18 години

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Секој нов министер почнува одново со „нова грандиозна визија“, која има здив колку што трае политичката поддршка. Образованието апсолутно не е приоритетно и е главно портфолио кое служи како план Б во пазарењата на владините коалиции – вели Александар Колекески од Центарот за европски стратегии „Еуротинк“

Дванаесет министри во 18 години го раководеле Министерството за образование и наука. Секој министер останувал во просек по една и пол година на оваа позиција. Најдолго се задржал Азис Положани (3 години и 10 месеци – 1 ноември 2002 до 27 август 2006). Најкусо време бил Гале Галев, само четири месеци (јули до ноември 2000).
Ова е министерството во кое најмногу се менувале министри. Споредивме колку министри во истиот период ги раководеле другите министерства во државава и дефинитивно тие од образование го држат рекордот. 11 министри го воделе Министерството за животна средина и просторно планирање, 9 – здравство, 8 – култура, 7 – транспорт и врски и финансии, 6 – труд и социјала.

Арбер Адеми еден месец е министер за образование и наука

Секој почнува со „нова грандиозна визија“

Оваа статистика е еден од проблемите што експертите за образование ги посочуваат во проблемот со недоволно доброто образование.

- Голем проблем во спроведувањето на образовните политики претставува дисконтинуитетот и непреземањето обврски од претходни министри. За жал, секој нов министер почнува одново со „нова грандиозна визија“, која има здив колку што трае политичката поддршка во рамките на владата и мандатот. Ако се анализира хронолошки, мандатите на министрите за образование во Македонија се едни од најкратките - во последните десетина години променети се исто толку министри. Областа образование апсолутно не е приоритетна во програмите на владите и е главно портфолио кое служи како план Б во пазарењата на владините коалиции – вели Александар Колекески од Центарот за европски стратегии „Еуротинк“.

Тој објаснува дека кога би требало да се споредиме со европски развиените земји, најупадлив е недостигот на квалитет, како и знаењето и вештините со кои се стекнуваат учениците како резултат на образовниот процес.


- Знаењето не е задоволително, споредено на меѓународно ниво согласно меѓународните тестови, како ПИСА. Примената на знаењето е друг проблем бидејќи самите курикулуми се базирани - дел на курикулуми и општествени цели поставени од 80-тите и 90-тите години на минатиот век, а друг дел - нерационални ад хок и маркетиншки партиски флоскули. Или, пак, можат да се поврзат со меганабавки на училишни помагала и средства кои се апсолутно неприменливи во контекстот на реалноста и потребите – вели Колекески.

Се работи, ама не и паметно

Неговиот колега Марјан Степановски, истражувач во „Еуротинк“, посочува дека комбинацијата на несоодветни решенија и мерки во рамките на целокупната образовна политика, заедно со веќе воспоставените редовни практики на преоптовареност со административни задачи наспроти градење реални капацитети, несомнено резултира со веќе утврдената лоша состојба во образованието.

- Анализата може да се сведе на старата дилема за кокошката и јајцето, но токму методите и алатките што се користат (учебници, услови за работа, концепти кои даваат несоодветни резултати) се ефект на недостатоците во рамката во која самите реформи треба добро да се осмислат и соодветно да се спроведат. Впечатокот е дека се работи, но не се работи паметно. И лошите реформи и политики подразбираат вложен труд, но паметното работење значи сериозен стратешки пристап во реформските процеси, креирање решенија согласно реалните потреби наспроти удомување мерки и добри практики од странство кои не соодветствуваат на потребите, капацитетите и проблемите што треба да се адресираат – вели Степановски.

Според него, најавувањето мерки за подобрување на состојбите во рок кој се врзува со почетокот на нова учебна година е само продолжување на практиките на ад хок брзи решенија чија поврзаност со генералната рамка или образовна политика е контрадикторно, со оглед на тоа што јасна насока и план за тоа како би изгледала образовната реформа и нема.
- Избрзувањето при донесување закони без претходно јасно поставени јавни политики и стратешки приоритети за интервенција во секторот што го анализираме е уште еден ефект на ќор-сокак - категоричен е Степановски.

Марјан Степановски

Напредување во кариерата

Штурите административни и бирократски обврски постепено ги претвораат професионалците во образованието во безлична јавна администрација, смета Колекески.

- Битно е да се стави акцент на поголемата самостојност во изработката на наставните планови и програми и поголеми можности за напредување во кариерата преку примена на знаења, како алтернатива на партиски базираните вработувања и напредувања во дејноста – додава тој.

Степановски е категоричен дека пред да ја поставиме идеалната реформа на постојниот систем, треба да се вратиме неколку чекори назад и да направиме сериозна процена на ефектите, па и на штетите од претходните интервенции.
- Така ќе може да се утврдат реалните потреби согласно кои би отвориле добро структурирана јавна расправа за можните модели и добри практики кои можат да придонесат во креирањето на најсоодветниот модел за образовна реформа, наспроти традиционалниот метод на копи-пејст за брзи политички поени – завршува Степановски.

Прочитај повеќе: Кој ќе се јунак изнајде образованието да ни го оправи