Инспекторот Илиевски деградиран на пониско работно место

Инспекторот Илиевски деградиран на пониско работно место

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Никакво решение не ми стигнало на домашна адреса. Ниту од дисциплинската комисија, ниту ова за моето деградирање. Од вас слушам за ова–ни изјави Илиевски

Ѓорѓи Илиевски, Вишиот просветен инспектор и раководител на одделението за инспекциски надзор во високото образование, научните институти, ученичките и студентските домови ќе биде распределен на пониско работно место, односно деградиран. Ваква одлука донесе директорот на Државниот просветен инспекторат(ДПИ), Томе Спировски, откако дисциплинската комисија му ја предложи оваа мерка бидејќи Илиевски сторил прекршок.

Од Државниот просветен инспекторат ни одговорија дека дисциплинската комисија утврдила дека Илиевски сторил прекршок и со тајно гласање донела одлука со предлог за изрекување на дисциплинска мерка против него која гласи: „Распределување на работно место во непосредно пониско место“.
- Директорот истата ја прифати и донесе решение административниот службеник Илиевски да биде распределен во непосредно пониско работно место. Решението се доставува на домашна адреса на административниот службеник. Истото содржи и правна поука, доколку административниот службеник сака да го обжали до второстепен орган–ни соопштија од Државниот просветен инспекторат.

Од инспекторатот не добивме одговор каков прекршок сторил Илиевски, а ниту тој знае, бидејќи сѐ уште не го добил решението од дисциплинската комисија, иако одлуката ја донесоа на 12 јули (петок). Илиевски исто така нема добиено решение за дисциплинската казна која му ја одредил директорот Спировски.
- Никакво решение не ми стигнало на домашна адреса. Ниту од дисциплинската комисија, ниту ова за моето деградирање. Од вас слушам за ова. Секако дека ќе ја обжалам оваа одлука, како и начинот на кој беше водена целата постапка од страна на дисциплинската комисија–вели Илиевски.
Инаку, од инспекторатот не прецизираат на која позиција ќе биде распределен Илиевски, но едно скалило подолу според систематизацијата на работните места е советник-државен просветен инспектор. Илиевски сега е раководител на одделението за инспекциски надзор во високото образование, научните институти, ученичките и студентските домови. Тој треба да оди во пензија во јануари следната година.

Причините за покренувањето на дисциплинската постапка против Илиевски беа нецелосно утврдена фактичка состојба при извршен инспекциски надзор во Универзитетот во Тетово, неовластено давање информации во јавноста од негова страна со изнесување состојби во однос на инспекциски постапки вршени од страна на ДПИ кои се во тек, односно немаат правосилност и конечност, прекршување на наредбата од директорот на ДПИ, која гласи: „Секоја информација што се однесува на работењето на ДПИ, а во врска со извршените инспекциски надзори, да не се изнесува надвор од институцијата без претходно добиена согласност од директорот на ДПИ“.

Илиевски во јавноста обелодени дека при редовниот инспекциски надзор на Правниот факултет при ДУТ утврдил дека тројца државни функционери - министерот за образование и наука Арбер Адеми, заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нихиу и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули, незаконски напредувале во наставно-научни звања.


Инспекторот Илиевски

Државниот просветен инспекторат се огради од неговите тврдења и ги оцени како лични, а не на институцијата. Тие повторно испратија инспектори да ги проверат звањата на функционерите, но решението од тој вонреден инспекциски надзор не го обелоденуваат.

Во меѓувреме, второстепена комисија ги укина решенијата на Илиевски, но тој сѐ уште ја води постапката согласно Законот за просветна инспекција. Пред неколку дена поднесе прекршочна пријава во тетовскиот Основен суд, за Државниот универзитет во Тетово и ректорот Вулнет Амети бидејќи не ги испочитувале неговите решенија во кои бара укинување на наставно-научните звања на тројцата функционери.
Илиевски случајот го пријави и во Државната комисија за спречување на корупцијата, каде се води постапка, а најави дека ќе го пријави и во Основното јавно обвинителство.