Австралиските топ-листи ги забранија песните претежно генерирани со вештачка интелигенција
Песните кои во голема мера или целосно се креирани со вештачка интелигенција (ВИ) повеќе не можат да се најдат на австралиските музички топ-листи - ова се најновите правила на Австралиското здружение на дискографската индустрија (АРИА). Од оваа недела изданијата мора да бидат „човечки направени“ за да ги исполнуваат условите за да бидат на листите, пренесе Би-би-си.
Од АРИА соопштија дека новиот кодекс ќе помогне во „промоција на човечката природа на уметничкото творештво“.
Ова следува по контроверзијата околу преработката на песната на Мадона „Like A Prayer“ што ја изведе австралискиот диџеј Џош Фаваз, а која неодамна дојде на врвот на топ-листата за танцувачки синглови на АРИА и го достигна 2. место на вкупната листа во земјата. Песната стана водечка на листите на комерцијалните радиостаници и е стримувана повеќе од 48 милиони пати само на „Спотифај“.
Од АРИА соопштија дека австралиските уметници се борат за внимание „на најзафатениот пазар во историјата“ и дека „не се заинтересирани за промоција или славење на успехот на музиката генерирана со вештачка интелигенција која не содржи човечки уметнички труд“.
Според новите правила, помошта од вештачката интелигенција сè уште може да се користи, но луѓето мора да ја имаат напишано песната и да ги изведат главниот вокал и примарните инструменти, пренесува Би-би-си.
Фото: magnific