Колачиња од пластика би можеле да се најдат на менито на астронаутите во иднина
Идејата за колачиња произведени од рециклирана пластика звучи како заплет на дистописки научнофантастичен филм. Сепак, научниците тврдат дека успеале да создадат таков производ во рамките на проектот што го финансира НАСА со цел исхрана на астронаутите на идните долготрајни вселенски мисии. Технологијата користи микроорганизми за да реши два проблема истовремено - сè поголемиот проблем со пластичниот отпад и потребата од одржливи извори на храна.
Иднината на исхраната во вселената
Новата технологија користи посебно дизајнирани квасци за претворање на пластиката и земјоделскиот отпад во протеини, масти и ароми. Добиената смеса потоа се провлекува низ 3Д-печатач за да се обликува колаче во форма на диск. Зад овој иновативен пристап стои тим што го предводи д-р Лахиру Џајакоди, микробиолог од Универзитетот „Саутерн Илиноис Карбондејл“.
- Мојата лабораторија работи на развој на технологии за рециклирање пластика. Помисливме, зошто да не разгледаме храна? Пластиката е јаглерод и храната е јаглерод - вели Џајакоди.
Тимот сè уште нема добиено одобрение за дегустација на колачињата добиени од пластика, но наведува дека добил високи оцени за аромата.
- Сè уште не сме ги јаделе бидејќи чекаме одобрение за тестирање на луѓе - изјави Џајакоди пред претставувањето на трудот на состанокот на Американското хемиско друштво во Чикаго.
Како се прави колаче од пластично шише?
Процесот на претворање на отпадната пластика во хранливи материи е финансиран во рамките на конкурсот на НАСА, кој ги покани научниците да развијат нови прехранбени технологии за решавање на проблемот со исхраната на астронаутите на долги патувања. Во овој случај, истражувачите зедоа еден од најчестите облици на пластика, полиетилен терефталат (ПЕТ), кој често се користи за изработка на шишиња за вода за еднократна употреба.
Прво, ПЕТ се „вари“ преку процес што вклучува вода и кислород при висока температура и притисок за цврстиот материјал да се разложи на помали молекули богати со јаглерод. Тие молекули потоа му се даваат на квасецот кој е генетски репрограмиран да ги користи како храна. Квасецот го претвора јаглеродот од пластиката во нови биолошки молекули, вклучувајќи протеини, масти и други хранливи материи, кои можат да се помешаат со скроб и да се обликуваат во производи за јадење. Интересно е дека е користен поинаков сој на квасец за производство на арома на ванила од растителна биомаса.
Решение за Марс и кризните зони на Земјата
Потребата од ваква технологија е најочигледна во контекст на вселенските патувања. Патувањето до Марс и назад би траело околу три години, што значи дека астронаутите би морале максимално да ги искористат сите расположливи ресурси.
- Кога астронаут оди на Марс, мора да преживее во екстремни услови. Патувањето назад трае три години. Мора да искористите сè што имате - објасни Џајакоди.
Меѓутоа, тимот сугерира дека концептот, освен за долги вселенски патувања, би можел да биде корисен и во екстремни средини на Земјата, како што се подморници или подрачја погодени од катастрофи. Потенцијално би можел да стане и клучно еколошко решение за двојните предизвици на пластичниот отпад и производството на храна. Овој проект, кој го финансира НАСА, е дел од поширок научен тренд кој ги истражува биотехнолошките решенија за глобалните проблеми.
Глобалниот проблем со пластиката поттикнува иновации
Тимот на Џајакоди не е единствениот кој работи на ова. Биоинженерот Тинг Лу и биологот Стивен Текстман освоија награда во 2021 година за нивната технологија која на генетски модифицираните микроорганизми им овозможува разградување на пластиката и нејзино претворање во протеини. Проблемот со пластичниот отпад достигна критични димензии; се проценува дека во океаните има над 150 милиони тони пластика, а микропластиката е веќе пронајдена во човечката храна како сол, шеќер и вода. Најновите студии покажаа поврзаност меѓу присуството на микропластика во артериите и зголемениот ризик од срцев и мозочен удар. Во тој контекст, идејата за контролирано претворање на прочистената пластика во храна станува сè порелевантна.
Цена, ефикасност и психолошка бариера
Производството на овие колачиња чини околу 60 американски долари за килограм, но се очекува трошоците да се намалат со подобрување на ефикасноста на квасецот и зголемување на производството. Сепак, тимот признава дека пред широкото прифаќање јавноста можеби ќе мора да совлада психолошка бариера за јадење храна добиена од пластика.
- Се очекува глобалната побарувачка за храна да порасне за 35 до 56 проценти до 2050 година, а околу 30 проценти од светската популација ќе биде во опасност од глад во иднина. Верувам дека начинот да се реши тој проблем е користењето микроорганизми - заклучи Џајакоди.
Фото: magnific