Премиерот на Нов Зеланд предложи забрана за користење на социјалните мрежи за помлади од 16 години
Премиерот на Нов Зеланд, Кристофер Луксон, предложи закон со кој на децата помлади од 16 години би им било забрането да користат социјални мрежи.
Тој наведува дека младите се изложени на штетни содржини, технологии што создаваат зависност и притисоци со кои не се подготвени да се справат.
Предлогот, меѓутоа, нема доволна поддршка за да биде усвоен бидејќи две од трите партии во владејачката коалиција најавија дека ќе гласаат против. За негово усвојување би била потребна поддршка од опозициските пратеници, кои сè уште не одлучиле како ќе гласаат.
Луксон вели дека нема доволно време парламентот да гласа за предлогот пред неговото распуштање на 1 октомври, во пресрет на изборите закажани за ноември. Доколку повторно биде избран, Луксон ќе настојува Нов Зеланд да биде меѓу земјите што воведуваат старосни ограничувања за користење на социјалните мрежи.
Според предлогот, платформите како „Инстаграм“, „Тик-ток“, „Снепчет“ и „Фејсбук“ би биле обврзани да преземат „разумни мерки“ за проверка дали корисниците имаат повеќе од 16 години. Тоа би можело да се прави преку проверка на податоците од корисничката сметка, процена на возраста врз основа на лицето или со користење дигитални и официјални документи за идентификација.
Од забраната би биле изземени платформите за размена на пораки, како „Вацап“, онлајн-игрите, како „Роблокс“, како и апликациите со вештачка интелигенција наменети за продуктивност, меѓу кои „Чет-ГПТ“, „Џемини“ и „Копајлот“.
Децата и родителите не би биле казнувани, додека компаниите што нема да ги исполнат обврските би можеле да бидат казнети со до 10 отсто од глобалниот приход.
Владата на Луксон ја разгледува оваа мерка по примерот на Австралија, која во декември 2025 година воведе забрана за користење на социјалните мрежи за помлади од 16 години. Слични забрани во меѓувреме воведоа Канада, Бразил и Индонезија, додека други земји ги разгледуваат.
Извор:
021.rs
Фото: Magnific