Стефанија Гаштарска: Ќе застанам на сцена како Одета и Одилија во „Лебедово Езеро“ во Перм

Стефанија Гаштарска: Ќе застанам на сцена како Одета и Одилија во „Лебедово Езеро“ во Перм

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Да се добие главна улога во некој балет, а особено во „Лебедово Езеро“ во Перм, како прв работен ангажман е просто неверојатно, а од друга страна, премногу тешко, одговорно и комплексно, но ова е шанса која не ја добива секој и секој ден максимално се трудам да ја оправдам довербата што ми е дадена и сум многу благодарна за тоа, истакнува Стефанија

Стефанија Гаштарска неодамна почна да работи во Пермскиот театар за опера и балет во Русија. Вистинско достигнување и сон на секоја балерина.

Таа се занимава со балет од девет години, почнувајќи во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата на Данилоска-Кочевска. На 15 години учи во Државното училиште во Перм (Русија), една од најстарите балетски школи за класичен балет. Образованието го продолжи на Академијата за балет на „Бољшој“, каде што во голема конкуренција дипломира со високи оценки како единствена балерина од странство во руски клас и е единствена од странска земја што влезе во „Бољшој“. Но, сега патоказот ја насочи кон нови предизвици и е ангажирана за сцената на Перм.



- Се случи навистина изненадно и неочекувано, просто добив понуда која не се одбива и без никаква дилема ја прифатив - вели Стефанија.

Перм е животна шанса

Вели дека во моментов го живее сонот на секоја балерина.

- Во моментов го работам и го живеам сонот на секоја балерина. Работам на подготовки на „Лебедово Езеро“ - Одета и Одилија, односно белиот и црниот лебед. Да се добие главна улога во некој балет, а особено во „Лебедово Езеро“ како прв работен ангажман, е просто неверојатно, а од друга страна, премногу тешко, одговорно и комплексно, но ова е шанса која не ја добива секој и секој ден максимално се трудам да ја оправдам довербата што ми е дадена и сум многу благодарна за тоа - истакнува Стефанија.

Таа е растена во светот на балетот бидејќи и мајка ѝ е балерина, Марија Крстевска, па оттука и љубовта кон балетот. Растена е со документарците за балетот во Русија, Москва, Санкт Петербург...



- Во Перм не сум првпат, тука и почна целата моја приказна со Русија, затоа и сум емотивно врзана за овој град и за луѓето и некако длабоко во себе знаев дека некогаш ќе се вратам тука. Првпат бев тука како учесник на еден од најголемите и најценети балетски натпревари „Арабеска“, кој ми беше отскочна штица и потоа како финалистка добив понуда да се школувам во нивното училиште, која ја прифатив без дилема. Во државното училиште во Перм бев една година, а потоа добив стипендија во Москва во академијата „Бољшој“, каде што и дипломирав. Да се биде дел од тимот на пермскиот балет е голема чест и задоволство. Тука работат врвни педагози, докажани балетски имиња, ѕвезди во својата професија, има богат репертоар и многу се работи. Јас еве ја имам честа да работам со големата Наталја Моисева и сум многу среќна поради тоа - ни споделува Гаштарска.

Балерина во Русија нема слободно време

Стефанија деновиве е целосно посветена на себе и на пробите. Вели дека една балерина, особено во Русија, нема слободно време затоа што на распоред има макотрпни проби кои траат по цел ден.



- Искрено, слободно време воопшто немам, освен тој еден слободен ден кој го користам да се исперам и да испазарам за дома за цела недела. Работам многу. Од прв ден немав време за адаптација, туку веднаш почнав со проби и тоа, ни помалку ни повеќе, за Одета и Одилија. Денот го почнувам со појадок - моето омилено, овесна каша со многу суво овошје за да имам сила и да можам да ги издржам пробите во текот на денот. Заминувам во театар кој е на половина час пешачење од станот каде што живеам, влегувам во сала, прво се загревам, па почнуваат вежбите, кои траат еден час и веднаш по вежбите ми почнуваат пробите. Има по две до три проби во денот со мала пауза помеѓу за да можам да ручам и да се пресоблечам и трчам, многу често, и до 23 навечер. Останувам да лежам на подот на салата уште некое време за да се соземам и да успеам да станам. И потоа си одам дома, каде што вечерам и си легнувам да спијам. Така што, слободното време го користам за јадење - раскажува Стефанија.



Балетот бара младост и виталност


Балетот „Лебедово Езеро“ треба да ја има својата премиера на 25 септември.

- Но сѐ зависи од тоа дали ќе успееме да се спремиме до тој датум бидејќи мене ми е премиера, а партнерот во моментов е на турнеја во Москва и времето што ќе го имаме за заеднички проби ќе биде прекратко, но не е исклучена можноста премиерата да се случи на 25 септември или евентуално на датум многу блиску до тој, кој дополнително ќе се одреди. Многу сум возбудена и едвај чекам бидејќи ова ќе биде мое прво стапнување на сцена по една година, и тоа како Одета и Одилија во „Лебедово Езеро“ - изјавува Гаштарска.

Врвното образование за балетски играч го заврши во академијата „Бољшој“.

- Еден балетски играч почнува рано со кариерата бидејќи работниот стаж на една балерина е краток, како и во спортот, и во балетот треба младост и виталност, затоа балетското образование го сочинуваат вкупно 9 години, од кои 5 години како нижо и 4 години балетска академија, по што добиваш диплома за балетски играч, со тоа што јас, на пример, со мојата диплома од академијата „Бољшој“ можам и да им предавам на деца. Амбициите и желбите што ги имав почнаа да се реализираат. Искрено, не очекував дека ќе добијам ваква шанса на почетокот на мојата кариера - да спремам улоги кои се сметаат за врв и обично се круна на нечија кариера. Затоа не би можела да посакам ништо повеќе од ова, освен да имам успешна премиера и да ја оправдам довербата за шансата што ми е дадена - вели Гаштарска.


Фото: приватна архива