По скалилата на успехот со Ади Имери: „Не се сфаќам себеси сериозно и немам тенденција да идолизирам луѓе“

По скалилата на успехот со Ади Имери: „Не се сфаќам себеси сериозно и немам тенденција да идолизирам луѓе“

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Денес тие се членови на менаџерски тимови и ги водат најуспешните компании во земјава. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ќе ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

- Сѐ што некогаш имам сработено и ќе сработам го гледам како дел од една целина, а не како скалило или потточки, изјави Ади Имери.

Ади Имери е наш познат современ музичар, вклучен во разни музички форми, бендови, доживувања… Привлечен е од магијата на сите музички инструменти, но со гитара најчесто го гледаме на сцена. Многубројни настапи и концерти се дел од неговата кратка биографија. Се пробува во повеќе музички жанрови, истражува во повеќе музички форми и константно е во потрага по нови интересни ликови од музиката за соработка.
Ади влече музички корени од Дамир Имери, неговиот татко, наша етаблирана музичка легенда, и Будимка Имети - флејтистка, продуцентка… Затоа, музиката е азбука за Ади и неговиот брат Дино Имери, наш врвен пијанист.


Фото: Маја Аргакијева
Какви се почетоците на Вашата музичка кариера?

- Уште во пренатална фаза, додека мајка ми и татко ми биле на концерт на големиот перкусионист Боб Мозес на Скопскиот џез-фестивал, сум имал интензивна реакција на неговото свирење клоцајќи во стомакот на мајка ми - факт што ми беше пренесен многу подоцна во мојот живот, откако развив вкус за неговото свирење на “Bright Size Life”, првиот албум на Пет Метини. Би рекол дека некои работи биле исцртани пред да се родам и да тргнам на мисија.

Какви транзиции направивте за да бидете ова што сте денес, со што е пополнето вашето си-ви кога станува збор за кариерата?


- Мојот однос со мојава таканаречена кариера е контра од сѐ што би можело да се протолкува како бизнис-потег, така што пополнето си-ви сѐ уште немам бидејќи сум од задача на задача по принцип, оперирам од точка на длабока интуиција и не би знаел од каде да започнам. Додека трепнам, 20 години поминале исполнети со многу авантури, слатки и кисели сознанија, среќавање со генијални соработници и привилегијата да ги наречам пријатели и семејство.


Фото: Стефан Рајхл

Раскажете ни за првите работни денови… Кое беше Вашето прво работно искуство?

- Средината во која растев ми овозможи да изградам здрав и сочувствителен однос кон музиката како начин на врамување на реалноста и алатка за организирање на мојата внатрешна архитектура и екологија за да служат за истражување и развивање во константа, без конкретни експлозии и животопроменувачки.

Што ви беше отскочна штица и како се нижеа успесите?

- Имаше многу „аха!“ моменти досега, ама се сеќавам на еден за мене исклучително важен цитат од големиот музичар Еивинд Канг (Eyvind Kang): „Верувам дека музиката треба да расте на дрвја, да биде слободно обрана како овошка, без екстравагантноста на жетвата.“ Јасно го паметам тој момент како прелом, во смисла дека ова со што се занимавам во суштина е декорирање на аудионедвижностите, состојба на комуницирање убавина, разведена од пазарна вредност и културолошки удар. Од тој момент наваму, мојата комуникација со светот е во состојба на континуум. Сѐ што некогаш имам сработено и ќе сработам го гледам како дел од една целина, а не како скалило или потточки.


Фото: Стефан Рајхл

Кои се Вашите најсилни атрибути што одиграа клучна улога во кариерата?

- Не се сфаќам себеси сериозно и немам тенденција да идолизирам луѓе.

Во која фаза сте сега во кариерата, во што ја вложувате Вашата енергија?


- Конкретно оваа година ја посветив на работата во театар, правејќи музика за претстави за Атриум („приПАЃАЊЕ“ и „Глад“ во режија на Хана Миленковска), Македонскиот народен театар („Хенгинг Араунд“ во режија на Бојан Трифуновски), Драмскиот театар („Парови“ во режија на Ивана Ангеловска) и Театарот за деца и младинци („Хајди“ во режија на Драгана Гунин), како и култивирање на конфузија во личниот и професионалниот живот преку работа до хардкор џез рокпанк колективот Peach Vice, снимање албум со бендот Next to Silence кој ќе биде издаден од СЏФ Рекордс проследен со настап на отворањето на овогодинешниот Скопски џез фестивал (full circle момент!), како и работа на неколку нови изданија под мое име, формирање на дуото marumaru, едукација, работилници и триста други фесфоиусбгнсаоиадмф….



Фото: Лилика Стрезовска

Што најмногу Ве мотивираше и инспирираше и кој најмногу Ве поддржа за да стигнете дотука?

- Морам да напоменам дека во мојот свет нема праволиниски прогрес, туку сѐ егзистира во исто време, така што повеќе немам увид во постариот модел на размислување и организација на успехот како социјална валута.

Кои се Вашите амбиции?

- Да останам над нивото на водата, да бидам присутен и корисен во животите на луѓето што ги сакам, да се занимавам со истражување и развој, и да си купам нови зимски панталони.


Фото: Васил Буралиев