Го граделе во тајност, а денес сите можат да влезат - тајниот бункер на Тито
Тунелите биле градени во целосна тајност, а оние што ги граделе се обврзале на доживотно молчење. Затоа за нив ни денес не се знае повеќе отколку што се знаело во годините кога се граделе.
Во кањонот на Велика Пакленица во строга тајност, како што се покажа 40 години подоцна, помеѓу 1950 и 1952 година се граделе тунели кои требало да служат како засолниште и логистичка база во случај на воен судир меѓу Југославија и Советскиот Сојуз, од кој Тито во тие години прилично се плашел, особено откако СССР во 1949 година создал атомска бомба.
Се шпекулира дека бункерот во Пакленица е еден од 26. тајни објекти кои со иста цел кон средината на минатиот век се граделе низ поранешна Југославија. Тунелите, кои биле наречени „бункер“, изградени на ова место, во кањонот, заштитени од високите карпи, би овозможиле заштита и од евентуален напад од воздух.
Тунелите биле градени во целосна тајност, а оние што ги граделе се обврзале на доживотно молчење. Затоа за нив ни денес не се знае повеќе отколку што се знаело во годините кога се граделе.
Жителите од блиските места, Стариград и планинските Рамиќи и Катиќи, се сеќаваат дека низ кањонот на Велика Пакленица од 1950 до 1952 година не смеело да се поминува, а тајното градилиште го чувале војници.
Се зборува и дека бункерот го граделе не само војници, туку и цивилни работници и затвореници, но ништо од тоа не е потврдено. Воопшто не било необично ЈНА копачите да ги носи на терен со врзани очи. Меѓутоа, кога Сталин починал во 1953 година, тунелите биле запечатени, а биле отворени дури на почетокот на Хрватската војна за независност кога ги презела хрватската војска.
Тогаш во длабочините на Велебит бил откриен импресивен подземен комплекс од ходници, сали, засолништа и технички простории, со вкупна површина од речиси 2.000 квадратни метри. Комплексот бил опремен со плочки и врати, вентилациски систем, цистерна за вода, а на самиот крај од тунелот се наоѓал, како што се претпоставува, апартманот на Тито, најсигурната соба со ѕид дебел 4 метри, со сопствена кујна и бања.
Не се знае на кој начин тунелите биле длабени во карпата и како таа била пробивана, но јасно е дека биле направени за да бидат отпорни на експлозии. Бункерот имал два влеза, а двата биле запечатени од прекинот на градбата, па сè до 1991 година.
Хрватската војска ги користела тунелите како складиште, а по војната тие му биле предадени на управување на Националниот парк Пакленица. По огромен и долготраен процес на преуредување, денес овој комплекс е отворен за јавноста како модерен и интерактивен центар наречен „Подземен град Пакленица“.
Извор:
Punkufer.dnevnik.hr
Фото:
Instagram