Норвежаните вака ги изолираат своите куќи и не им е ладно ни на -35
Начинот на кој е изолирана куќата игра клучна улога во нејзината енергетска ефикасност, како и во квалитетот на секојдневниот живот на оние што живеат во неа. Изолацијата не влијае само врз висината на сметките за греење, туку и врз чувството на топлина во просторијата и врз тоа колку фасадата ќе ги задржи своите својства и изглед со текот на годините.
На ова прашање му се пристапува различно од земја до земја. Додека стиропорот е еден од најчестите избори во регионот, земјите со значително поладна клима, како Норвешка, користат поинакви решенија благодарение на кои норвешките дрвени куќи се топли и на -35 степени.
Животот во Норвешка го одбележува посебен пристап кон градбата. Многу куќи се изградени од дрво, што е резултат на комбинација од природното опкружување, традицијата и модерните архитектонски решенија.
Поради огромните шумски ресурси, дрвото со векови било најпристапниот градежен материјал во Норвешка. Во комбинација со висококвалитетна изолација, се покажало исклучително ефикасно дури и при многу ниски температури, а добро се покажало и во услови на зголемена влажност.
Норвешките куќи често имаат фасадни облоги направени од термо-дрво или „ThermoWood“. Тоа се добива со термичка обработка на дрвото на температури меѓу 160 и 215 степени со помош на пареа. Со тоа значително се намалува способноста за впивање влага.
Крајниот резултат е стабилен заштитен слој кој е поотпорен на деформации и подобро заштитен од гниење, мувла и штетници. Истовремено, лесно поднесува дожд, снег, студ и силна сончева светлина.
Популарно низ Скакандинавија
Дрвото третирано на овој начин има добри изолациски својства, но поради пониската влажност и изменетата структура, послабо спроведува топлина. Тоа значи дека спречува влегување на ладен воздух во зима и прегревање на објектот во летниот период.
Термо-дрвото потекнува од Финска, каде што се произведува од дрво од внимателно надгледувани и одржувани шуми. Поради тоа, овој материјал е исклучително популарен низ Скакандинавија.
Сепак, предностите на ваквата фасада не се ограничени само на функционалноста. Важен е и естетскиот аспект, бидејќи дрвото ѝ дава на куќата природен, топол изглед и лесно се прилагодува на различни архитектонски стилови.
Покрај сè наведено, дрвото е материјал што овозможува влагата природно да испарува од конструкцијата. Со тоа се намалува можноста за кондензација, се ограничува развојот на мувла и му се овозможува на објектот значително поефикасно да „дише“.
Извор:
Nova.rs
Фото: Magnific