Почина Гантер од „Пријатели“. Ова се неговите најпознати моменти во серијата

Почина Гантер од „Пријатели“. Ова се неговите најпознати моменти во серијата

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Актерот Џејмс Мајкл Тајлер, најпознат по улогата на Гантер во серијата „Пријатели“, почина во неделата на 59-годишна возраст. Тој боледувал од рак на простатата. Тони Бенсон, менаџерот на Тајлер, откри дека актерот сакал музика и забавни и непланирани авантури.

Ракот му бил дијагностициран во 2018 година. Во „Пријатели“ Гантер беше во најмногу епизоди по главните ликови, во дури 185 епизоди, иако најчесто во заднина.

Тајлер ја добил работата бидејќи знаел како да работи со машина за кафе, пишува Би-би-си. Сепак, со текот на времето, креаторите му давале повеќе материјал. Ова се некои од неговите највпечатливи моменти во „Пријатели“.

Опсесијата со Рејчел

Гантер беше најпознат по неговата љубов кон Рејчел. Има многу сцени во кои Гантер се обидува да ѝ ја признае љубовта.


Неговата коса

Бојата на косата му стана заштитен знак на Гантер, иако тоа не било според планот. Пријател на Тајлер се обидел да му ја обои косата во друга нијанса пред аудицијата, но не ја добил бојата што ја очекувал. На продуцентите им се допаднала бојата, па затоа Тајлер морал да продолжи да ја бојадисува косата додека се снимала серијата.

Зборување холандски со Рос

Кога Рос се обидува да научи холандски, тој вежба со Гантер, кој течно го зборува јазикот во серијата. На крајот, Гантер му кажува на Рос дека „има секс со магариња“.


Пушењето со Чендлер

Во епизода во која Чендлер повторно почнува да пуши цигари, Гантер му вели дека тоа е забрането во кафулето. Чендлер го замолува да ја доврши цигарата, а Гантер му дозволува, но само доколку му се придружи.


Појавувањето во специјалната епизода

Во специјалната епизода што беше прикажана годинава Тајлер се појавува преку онлајн врска. Тој не можел да им се придружи на другите ликови на снимањето на епизодата бидејќи не можел да оди поради ракот.

На снимањето изјавил дека 10. години додека траеше серијата биле највпечатливите години во неговиот живот и било прекрасно да се работи со другите актери.

Збогување со Рејчел

Пред да тргне на пат до Париз, Рејчел е во кафулето, каде што Гантер собира храброст да ѝ каже дека ја сака.

- Гантер, ох и јас тебе те сакам. Иако не на ист начин, но те сакам. И кога ќе бидам во кафуле, ќе пијам кафе или ќе видам маж со коса посветла од сонцето, ќе помислам на тебе - му одговара Рејчел.


Извори: BBC | Insider

Фото: YouTube (Printscreen)