Шпанија ќе ги враќа парите од казните за прекршување на ковид-мерките

Шпанија ќе ги враќа парите од казните за прекршување на ковид-мерките

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Шпанија ќе им ги врати парите на жителите што биле казнети за непочитување на правилата за забрането движење што беа во сила речиси три месеци за да се спречи ширењето на ковид-19.

Министерството за територијални прашања изјавило дека ќе им бидат вратени парите на стотици илјади жители за вкупно 1,1 милион казни. Сите казни што биле изречени не биле платени. Шпанија собрала околу 115 милиони евра од овие казни до јули годинава.


Фото: Мадрид/Pixabay

Шпанија им нареди на своите 47 милиони жители да не го напуштаат домот во март минатата година. Мерката се продолжуваше како што продолжи да се шири ковид-19. Во рамките на мерката беше забрането речиси секакво движење, дури и играње на децата на  улица.

Одлуката за враќање на парите од казните доаѓа по пресуда од Уставниот суд на земјата дека Владата ги пречекорила своите овластувања и ги повредила правата на слободата на движење на своите жители.

Во Шпанија досега биле регистрирани речиси 5 милиони случаи на ковид-19 и најмалку 87.000 смртни случаи.

Извор: Insider