Агата Кристи на многу интересен начин го стекнала знаењето за отровите што ги користела во своите приказни

Агата Кристи на многу интересен начин го стекнала знаењето за отровите што ги користела во своите приказни

На официјалната веб-страница на Агата Кристи е објавен текст во кој експертот Крис Чан открива како познатата писателка ги создавала своите први детективски заплети. Пренесувајќи детали од нејзината автобиографија, тој опишува дека таа ги искористила мирните периоди за време на работата во аптека за да развие приказни во кои отровот го има главното место.

Работејќи како фармацевт во болницата во Торквај за време на Првата светска војна, Кристи секојдневно била во допир со опасни супстанции. Опкружена со отрови и лекови што ги познавала од практиката, за својот прв дебитантски роман „Тајната во Стајлс“ како главно оружје го одбрала труењето со строфантус, моќен отров што дејствува врз срцето. Потоа ги развивала прашањата што ги носи секоја добра мистерија: која е жртвата, кој е сторителот, каков е мотивот и како ќе се открие вистината. Поддршка ѝ дала и постарата сестра Маџ, која ја предизвикала да напише детективска приказна. Кристи го прифатила предизвикот, но патот до објавувањето не бил брз.

Според официјалната биографија, неколку издавачи го одбиле ракописот пред во 1919 година да го прифати Џон Лејн од издавачката куќа „Д Бодли Хед“. За Поаро, инспирацијата ја пронашла меѓу белгиските бегалци кои за време на војната пристигнале во Англија. Замислила поранешен белгиски полицаец чија интелигенција ќе биде клучна за решавање на случајот.

Научните детали станале дел од мистеријата

Колку било забележано нејзиното познавање на темата, покажува и податокот дека првиот роман добил рецензија во стручното списание „Фармасутикал журнал“, што официјалната биографија посебно го истакнува. Кристи ѝ се вратила на работата во аптеката и за време на Втората светска војна. Тоа искуство од двете војни придонело за нејзиното длабоко познавање на хемијата и фармакологијата.

Со таа страна од нејзиното творештво се занимавала и хемичарката Катрин Харкуп во книгата „А е за арсен: Отровите на Агата Кристи“. Во неа анализира 14 романи и отровите што се појавуваат во нив. Како што објаснува, изборот на тие супстанции не бил случаен: нивните хемиски и физиолошки својства често биле важни за трагите и расплетот.

Така, зад книжевните злосторства стоело вистинско работно искуство. Работата во која Кристи учела да подготвува лекови и внимателно да постапува со различни супстанции ѝ дала материјал за приказни во кои токму навидум ситниот детаљ можел да ја промени целата истрага.

Извор: Dnevno.hr
Фото: Youtube/Screenshot