Мозокот во староста не пропаѓа, туку се приспособува
Во постарата животна возраст семантичкото памтење, со кое управува фронталниот кортекс, станува доминантно. Стареењето влијае врз мозокот, но не толку драматично како што некои се плашат. Иако нашето епизодно памтење, со кое управува хипокампусот, со текот на времето постепено слабее, станува збор за памтење поврзано со специфични детали, на пример, местото на кое сме го паркирале автомобилот или времето на договорениот состанок.
Истражувачите од Универзитетот во Аризона неодамна објавија студија во списанието „Перспективс он психолоџикал сајанс“ во која изнесуваат теза според која префрлањето на активноста од хипокампусот на фронталниот кортекс можеби претставува оптимизација на работата на мозокот, а не негово слабеење, пренесува порталот „Сајенс алерт“.
Во постарата животна возраст семантичкото памтење, со кое управува фронталниот кортекс, станува доминантно. Ова памтење ја опфаќа пошироката слика, општото знаење и разбирањето на општите концепти – на пример, правилата на хокејот или главните градови на државите.
Меѓу невронаучниците долго време преовладуваше мислењето дека оваа промена во работата на мозокот е начин на приспособување на сè поголемата истрошеност на нервните структури, односно компензациски механизам. Но, што ако станува збор за свесен избор кој едноставно повеќе им одговара на постарите лица, оние чии мозоци имаат зачувано значително повеќе информации отколку мозоците на помладите луѓе?
-Теориите за когнитивното стареење што денес преовладуваат ја прикажуваат постарата животна возраст како период на компензациско пропаѓање – настојување да се зачува функционалноста наспроти прогресивното пропаѓање на нервните структури - пишуваат истражувачите во својот труд.
Стареењето како генетски зачувана реорганизација на мемориските системи
„Наместо ваквиот став, предлагаме на стареењето да се гледа како на своевидно продолжение на развојот – генетски зачувана, приспособлива реорганизација на мемориските системи која може да се спореди со промените во мозокот во текот на раните животни периоди.“
За да ги поткрепат своите забелешки со докази, тие укажаа на повеќе претходно спроведени студии. Тврдат дека постојат многубројни докази дека такви промени се случуваат и во другите животни периоди – на пример, во детството се случуваат истите промени, само во спротивна насока.
Би можело да се каже и дека промените поврзани со стареењето не одразуваат општо губење на невронската пластичност, туку начин на прераспределба на ресурсите. Познато е дека хипокампусот троши многу енергија, па затоа мозокот штеди ресурси за моментите кога тие се најпотребни. Факт е и дека одредени врски во мозокот во постарата возраст всушност се зајакнуваат, што ја поддржува тезата дека мозокот не слабее, туку интелигентно се приспособува на новите услови.
Сличност со промените во животинскиот свет
Студијата укажува и на слични појави во животинскиот свет. Како што стареат, и стаорците повеќе се потпираат врз она што им е познато, додека женките на африканските слонови во староста стануваат „чувари на општественото знаење“. Можеби и нашиот мозок се однесува исто?
- Севкупно гледано, резултатите од истражувањето на животните укажуваат на тоа дека реорганизацијата на системот за памтење во периодот на стареење можеби не им е својствена само на луѓето, туку претставува општо начело кај животинските видови со долг животен век и сложени општествени структури - пишуваат американските научници.
Сето тоа можеби има и еволутивна цел – за оние меѓу нас што ќе доживеат длабока старост, приоритет станува пренесувањето информации, а не памтењето детали од секојдневниот живот. Заклучоците од оваа студија не само што би можеле да го променат начинот на кој го проценуваме стареењето на мозокот, туку и да дадат подобар увид во состојбите поврзани со стареењето, како што е Алцхајмеровата болест.
Тоа, на пример, би можело да значи дека вистинските знаци на болеста можат полесно да се разликуваат од промените во мозокот кои се всушност и природни и позитивни. Со оглед на тоа што Алцхајмеровата болест во своите рани фази е поврзана со прекумерна активност на хипокампусот, можно е и болеста на некој начин да ја попречува природната и корисна промена на приоритетите во мозокот до која би дошло во вообичаени околности.
Треба да се напомене дека оваа студија не донесува нови докази, туку ги реинтерпретира постојните истражувања за да изнесе силни аргументи.
Следниот чекор во истражувањето – хипотеза за адаптивно стареење
Следниот чекор во истражувањето, она што авторите го нарекуваат – хипотеза за адаптивно стареење – ќе биде следење на испитаниците во текот на времето и анализа на промените во мозокот за да се утврди дали постојат знаци за таква прераспределба на невронските функции. Доколку се потврди такво нешто, би можело да се дојде до нова перспектива за стареењето на мозокот и лекувањето на состојбите поврзани со стареењето. Адаптивното стареење во психологијата и геронтологијата почесто се нарекува успешно или активно стареење и ја претставува способноста на поединецот успешно да се приспособи на биолошките, психолошките и социјалните промени што доаѓаат со годините. Наместо стареењето да се набљудува исклучиво како процес на пропаѓање, овој концепт ги нагласува флексибилноста, зачувувањето на функционалноста и задржувањето на високиот квалитет на живеење.
- Ако на процесот на нормално стареење гледаме исклучиво како на процес на пропаѓање, ја пропуштаме суштината на работите - истакна психологот Фабијан-Хосе Фернандез во разговорот со Линда Ванг од Асоцијацијата за психолошка наука. - Мозокот на постарата личност е оптимизиран за поинакви работи од мозокот на некоја помлада личност – првенствено за споделување на стекнатото знаење и одржување на општествените односи - заклучи тој.
Резултатите од истражувањето се објавени во стручното списание „Перспективс он психолоџикал сајанс“.