Научниците открија во која година телото почнува да губи сила и кондиција: Падот започнува порано отколку што мислите

Научниците открија во која година телото почнува да губи сила и кондиција: Падот започнува порано отколку што мислите

Капацитетот за издржливост, силата и мускулната кондиција почнуваат да опаѓаат околу 35. година, и тоа без оглед на тоа колку лицето вежбало претходно, покажа шведско истражување кое ги следело истите луѓе во период од 47 години.

Истражувачите од Институтот „Каролинска“ во Стокхолм, во рамките на шведската студија за физичка активност и кондиција (СПАФ), од 1974 година следат неколку стотици случајно избрани мажи и жени родени во 1958 година. Нивната кондиција и сила биле редовно мерени од нивната 16. до 63. година.

За разлика од повеќето претходни истражувања, кои споредуваа различни возрасни групи, ова истражување ги следеше истите луѓе речиси половина век.

Кај двата пола издржливоста на мускулите и аеробниот капацитет го достигнале својот пик помеѓу 26. и 36. година. Потоа почнале да опаѓаат, најпрво за 0,3 до 0,6 отсто годишно, а подоцна и до 2,5 отсто годишно. Мускулната сила се губела со слично темпо, а брзината на падот не се разликувала кај мажите и кај жените.

Авторите нагласуваат дека физичката активност може да го забави тој пад, но не може целосно да го запре. Истражувањето покажа и дека луѓето можат да ги подобрат кондицијата и силата со тренинг и по 35. година.

- Нашето истражување покажува дека физичката активност може да го забави падот на перформансите, иако не може целосно да го запре - изјави главната авторка Марија Вестерстал од Институтот „Каролинска“.

Истражувачите сакаат да ги откријат механизмите што стојат зад ова, а учесниците во истражувањето повторно ќе бидат тестирани кога ќе наполнат 68 години.

Извор: Klix.ba
Фото: Magnific