Ни најавија проекција на документарец, а не навивачи. Јас сум згрозена и изиграна, вели Симона Угриновска, директор на МНТ

Ни најавија проекција на документарец, а не навивачи. Јас сум згрозена и изиграна, вели Симона Угриновска, директор на МНТ

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Оштетени столчиња, искинати завеси и друг инвентар се последица на беснеењето на навивачката група „Шверцери“ во петокот вечерта во Македонскиот народен театар. Иако било најавено дека ќе има проекција на документарен филм, никој не најавил дека гостин во публиката ќе биде навивачка група. Настанот се случил веднаш по официјалниот дел на одбележувањето на Денот на албанската азбука.



Директорката на МНТ, Симона Угриновска, е згрозена и вели дека ова го доживува како подметнување.

- Пратеникот Артан Груби беше организатор на овој настан. И покрај моето инсистирање да добијам детали за програмата, учесниците на настанот, како што бара протоколот кога имаме настани за кои се користи салата, не ги добив. За првиот настан добивме протокол од портпаролот на Владата, Мухамед Хоџа. Ние не знаевме дека ќе има навивачка група и беше невозможно да се контролира таа толпа. Ова е за секоја осуда. Штетата ја пријавив во МВР.  Мене не ми е важно дали се албански или македонски навивачи, ова однесување е недозволиво - вели Угриновска.


Симона Угриновска, директор на МНТ

Од Министерството за култура велат дека во институциите треба да има однесување како што налагаат кодексите за однесување во една институција од областа на културата. Во МНТ во петокот било најавено одржување на два настана, свеченото одбележување на Денот на албанската азбука и проекција на документарен филм, но до Дирекцијата на МНТ воопшто не било најавено присуството на навивачката група.
Од Култура додаваат дека очекуваат МВР ефикасно да го реши целиот случај и да бидат преземени соодветни мерки.

На социјалните медиуми се шири и видео кое сведочи за дивеењето на навивачката група „Шверцери“ и јавноста го осудува овој настан.