„Бели мугри“ од Кочо Рацин е испечатена на денешен ден во 1939 година

„Бели мугри“ од Кочо Рацин е испечатена на денешен ден во 1939 година

„Бели мугри“ од Кочо Рацин е испечатена на 25 ноември 1939 години во Самобор, во печатницата на Драгутин Шпулер, во 4.000 примероци. Според вообичаената комунистичка практика, насловот е испечатен со црвени букви, а поради опасноста да се дознае идентитетот на авторот, Коста Солев ја објавува под псевдонимот К. Рацин.

„Бели мугри“ е составена од 12 песни, во 5 циклуси напишани на велешки дијалект со примеси од западномакедонските говори, во кои доминираат социјалните и револуционерните теми.


Денови

Како на вратот ѓердани
ниски камења студени,
така на плешки денови
легнале та натежнале

Денови ли се — денови
аргатски маки големи!

Стани си утре порано
дојди си вечер подоцна,
наутро радост понеси
навечер тага донеси —

ај пуст да е, пуст да би
останал живот кучешки!

Роди се човек — роб биди
роди се човек — скот умри
скотски цел живот работи
за други, туѓи имоти.

За туѓи бели дворови,
копај си црни гробови!

За себе само ’ргај си
за себе маки тргај си —
нижи си ѓердан денови
нижи си алки ковани,

нижи си синџир железен
околу вратот навезен!