Не 16, туку 365 дена да работиме на прашањето за насилството, родово-базираното и семејното насилство

Не 16, туку 365 дена да работиме на прашањето за насилството, родово-базираното и семејното насилство

За да се овозможи соодветен одговор на сите форми на насилство врз жени и девојчиња, потребно е да се спроведе сеопфатна политика за борба против насилството, политики кои ќе бидат елемент на демократското и транспарентно владеење, кое ја чини суштината на владеење на правото, рече министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против насилство врз жените - 25 Ноември, по кој повод денес се одржа онлајн-настан „Нулта толеранција за насилството врз жените и семејното насилство“.

- Овој ден не треба да се чествува затоа што ние не празнуваме, туку ја подигнуваме свеста на целото општество за борбата која не треба да трае само во претстојните 16 дена активизам, туку борбата против насилството врз жените, родово-базираното насилство и семејното насилство е наша обврска како граѓани, носители на одлуки, политичари, како општество да трае во континуитет - рече Шахпаска.

Таа се осврна на историскиот момент на жената во семејството, родовите стереотипи, подредената позиција на жената и доминацијата на мажот кога се работи за функционирањето на семејството како основна општествена клетка.

- За да се овозможи соодветен одговор на сите форми на насилство врз жени и девојчиња, потребно е спроведување на сеопфатна политика, за борба против насилството, политики кои ќе бидат елемент на демократското и транспарентно владеење, кое ја чини суштината на владеење на правото. Токму затоа како министерство посветено работиме за подобрување и креирање национални политики, превенција и заштита на жртвите на насилство - посочи Шахпаска.

Таа потенцираше дека потпишаната ратификација на Истанбулската конвенција во 2017 година значи и преточување на одредбите во законско решение, всушност, тоа е и суштината на новиот Закона за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, кој е во собраниска процедура.

- Очекувам низ една широка, транспарентна дебата заедно, и власта и опозицијата, да ја отвориме расправата на овој закон, затоа што насилството не препознава општествен или имотен статус, ниту верска или политичка определба. Тоа е реалноста за која сите отворено треба да говориме, да превенираме и заштитиме - истакна Шахпаска.

Новиот предлог-закон вклучува превенција, механизми за спречување и заштита од насилство, но исто така и санкции за непостапување со должно внимание и за институциите, во спротивно жртвата има можност да поднесе тужба за непостапување и се однесува на сите што се вклучени во процесот за реагирање при насилство како министерствата за труд и социјална политика, за здравство, за образование и наука, за внатрешни работи, органите на државна управа, сè до единиците на локална самоуправа.

- Ве повикувам, сите ние, не 16, туку 365 дена да работиме на прашањето за насилството, родово-базираното и семејното насилство - порача Шахпаска.​

Фото: Влада