Научниците предупредуваат за нов сој на ковид-19 што се појавил во Боцвана

Научниците предупредуваат за нов сој на ковид-19 што се појавил во Боцвана

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Се појави нов сој на ковид-19 кој има многу мутации, предупредуваат научниците. Сојот Б.1.1529, наречен боцвански сој, би можел да го забрза ширењето на коронавирусот, пренесува „Индепендент“.

Првите три случаи биле откриени во Боцвана, а потоа биле детектирани уште 6 случаи во Јужноафриканската Република и еден во Хонгконг, на патник кој се вратил од Јужноафриканската Република.

Генерално, мутациите им помагаат на вирусите да се адаптираат и да се пренесуваат полесно, како и полесно да се одбранат од имунолошката реакција во телото. Том Пикок, доктор од Империјалниот колеџ во Лондон, изјавил дека сојот би можел да биде загрижувачки бидејќи има дури 32 мутации во шилестиот протеин, со кој може полесно да се пренесува и да го одбегне човечкиот имунолошки систем.


Фото: Pixabay

Освен тоа, потврдувањето на случајот во Азија може да значи дека тој можеби веќе е поприсутен од официјалните податоци. Засега се потврдени малку случаи на овој сој, но тој треба да се следи, порачува докторот.

Првиот случај на боцванскиот сој се појавил на 11 ноември, а првите случаи во Јужноафриканската Република биле потврдени на 14 ноември, кога бил потврден и случајот во Хонгконг.

Извор: Independent
Фото: Pixabay