Обединетото Кралство законски ги признава октоподите, раковите и лигните како животни со чувства

Обединетото Кралство законски ги признава октоподите, раковите и лигните како животни со чувства

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Обединетото Кралство одобри амандман на Законот за благосостојбата на животните со кој се додаваат неколку морски животни на листата со животни со чувства. На листата се додадени октоподот, ракот, лигната и јастогот, како и сите десетножни ракови и главоноги мекотели животни, известиле од британската Влада.

Според законот, чувствителноста на животните треба да се земе предвид кога ќе се работи на владини политики.

- Научниците сега се согласуваат дека десетногите и главоногите животни може да чувствуваат болка и затоа правилно е да бидат опфатени со оваа витална легислатива - изјавил Зак Голдсмит, британски министер за благосостојба на животните.


Фото: Pixabay

Промената во законот доаѓа откако Лондонската школа за економија и политички науки објавила извештај во кој се открива дека овие суштества чувствуваат болка, задоволство, глад, жед, топлина, радост, удобност и возбуда поради нивниот комплексен централен нервен систем.

Амандманот на законот ќе влијае само врз идните владини одлуки и нема да ги смени моменталните практики во морската индустрија.

Извор: Futurism 
Фото: Pixabay