Чоколадото би можело да исчезне до 2050 година

Чоколадото би можело да исчезне до 2050 година

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Екстремните временски услови сè повеќе ја загрозуваат иднината на плантажите со какао низ светот, што претставува сериозна закана за иднината на чоколадната индустрија.

Чоколадото би можело да исчезне до 2050 година, а научниците веќе истражуваат алтернативни култури поотпорни на климатските промени, од кои би можело да се произведува нов вид слатко задоволство.

Производството на какао под сериозен удар


Најголемиот дел од какаото (околу 60 отсто) потекнува од Западна Африка, од влажни земји како Брегот на Слоновата Коска и Гана, каде што високите температури и обилните врнежи се менуваат со кратки сушни периоди.

Сепак, во последните две години производството на какао опаднало и до 40 отсто. Како последица на тоа, цените на чоколадото достигнаа нивоа невидени уште од 70-тите години. Експертите предупредуваат дека свет без какао би можел да стане реалност до 2050 година.

Како климатските промени ја загрозуваат чоколадната индустрија?


Постојат повеќе фактори што укажуваат на можниот недостиг на чоколадо. Во претходни извештаи како причини се наведуваа нелегалното ископување злато, стареењето на стеблата какао, па дури и шверцот. Сепак, истражувањата покажуваат дека главниот проблем е сè поизразениот контраст меѓу екстремните врнежи.

Институтот за клима и одржливост „Салата“ при Универзитетот „Харвард“ наведува дека чувствителноста на какаото на временските услови не е нова појава, но дека климатските промени дополнително го засилуваат интензитетот на обилните врнежи со порастот на температурите.

За секое зголемување на температурата на воздухот за 1 Целзиусов степен, атмосферата може да задржи околу 7 отсто повеќе влага, што резултира со посилни и поинтензивни дождови.

- Основната физика е едноставна: потоплата атмосфера задржува повеќе влага, што ги засилува екстремните врнежи. Тоа доведува до задржување вода во почвата, ерозија на земјата и создавање услови погодни за развој на габични заболувања - објаснуваат истражувачите.

Потрага по решение: рогачот како алтернатива

Поттикнати од овој климатски предизвикан колапс, научниците од Националниот универзитет на Сингапур започнале потрага по решение.

Фокусот го насочиле кон рогачот - билка отпорна на климатските промени што се одгледува во средоземните земји и која сè повеќе привлекува внимание како можна алтернатива за какаото.

За разлика од какаото, рогачот успева во топли и суви услови и бара многу малку вода. По пржењето, ослободува специфична арома што потсетува на какао, иако вкусот не е целосно ист.

Со цел да го надмине овој проблем, истражувачкиот тим развил две техники за промена на вкусот на растението, користејќи ензими за засилување на горчината и слаткоста.

Помалку зависност од какаото

Со подобрување на ароматскиот профил на рогачот, истражувачите веруваат дека ќе можат да ги поттикнат производителите на слатки да го користат во производи што вообичаено бараат какао како чоколадни табли, какао во прав, слатки пијалаци и други производи базирани на какао.

Доколку се применат во голем обем, овие методи би можеле значително да ја намалат зависноста на чоколадната индустрија од какаото, правејќи ги синџирите на снабдување поотпорни на климатските промени и појавата на болести кај земјоделските култури.

- Нашето истражување не е само обид да се репродуцира вкусот на какаото, туку и да се направат поразновидни состојките што ги користиме за производство на чоколадни алтернативи - вели Манфред Ку, главен автор на научниот труд.

Извор: 021.rs
Фото: Freepik