„Гугл“ воведува контекстуални предлози за сите андроид-уреди - што значи тоа?

„Гугл“ воведува контекстуални предлози за сите андроид-уреди - што значи тоа?

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

„Гугл“ носи голем број ексклузивни софтверски функции на паметните телефони „пиксел“, како што е „меџик кју“. Како што дознава „Андроид ауторити“, „Гугл“ планира да ја воведе оваа функционалност на сите андроид-уреди под името „Контекстуални сугестии“ (Contextual Suggestions).

Ова е функција што им нуди на корисниците навремени и персонализирани предлози врз основа на нивните навики, рутини и локација. На пример, музичка апликација може автоматски да предложи листа за репродукција што корисникот вообичаено ја слуша при тренинг во сала, во точното време кога вообичаено оди на вежбање.

Функцијата се потпира на локална обработка на податоци, каде што вештачката интелигенција ги анализира шемите на користење и прави предвидувања за тоа што на корисникот може да му биде корисно во даден момент. Иако апликациите немаат пристап до самите податоци, тие можат да ги користат овие предвидувања за да понудат релевантни предлози.

Контексталните предлози работат во шифриран простор на самиот уред, а податоците не се споделуваат со апликации или „Гугл“ и не го напуштаат телефонот. Корисниците можат да ги избришат овие податоци во секое време, додека тие автоматски се бришат по 60 дена. Функцијата моментално се тестира преку бета-верзијата на „Гугл плеј сервиси“ и е достапна само за ограничен број корисници, што укажува дека е во рана фаза на тестирање.

Извор: bug.hr

Фото: Freepik