Ова е најдолгата патека за санкање во Европа - искачувањето до стартната точка трае 2,5 часа

Ова е најдолгата патека за санкање во Европа - искачувањето до стартната точка трае 2,5 часа

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Силен ветер, стрмен дел и лизгав терен не ја прават оваа авантура лесна, но кога ќе стигнете на врвот се брише целиот умор. Пред вас се отвора една од најдолгите, а според многумина и најимпресивни патеки за санкање во Европа – прочуената „Биг пинтенфриц“, вистинска зимска бајка за љубителите на снегот и адреналинот.

Оваа легендарна патека е долга повеќе од 15 километри и води од планината Фаулхорн, преку Бусалп, сè до Гринделвалд. Покрај незаборавниот спуст, нуди и спектакуларни погледи кон алпските врвови Шрекхорн, Аигер и Ветерхорн што долго остануваат во сеќавање.


Два и пол часа искачување за еден час чисто уживање

До стартната точка, која се наоѓа на околу 2.600 метри надморска височина, не се стигнува лесно. Од станицата „Фирст“ потребно е пешачење до Фолхорн, со постојано влечење на санките. Искачувањето трае меѓу два и два и пол часа, често по ветер и снег, но секој чекор води кон неверојатно искуство.

На самиот врв вреди да се застане и кај планинскиот хотел „Хотел Фолхорн“, изграден уште во 1830 година. Погледот оттаму е еден од најубавите на швајцарските Алпи и совршен вовед во авантурата.

Како патеката го добила името?


Името „Биг пинтенфриц“ патеката го должи на поранешниот сопственик на хотелот, Фриц Борен, познат како Пинтенфриц. Легендата вели дека по работниот ден со санки се спуштал до Гриндеволд, каде што ги поминувал ноќите во забава. Како наутро се враќал назад на Фолхорн, останува непознато, особено затоа што во тоа време не постоела жичница како денешната.


Како да стигнете до оваа зимска атракција?

Најлесно е со воз да стигнете до Гриндеволд, каде што има хотели, но и симпатични дрвени куќички за одмор. Потоа, со жичница се оди до последната станица, каде што е можно да се изнајмат санки и да им се придружите на другите авантуристи во искачувањето кон врвот.

Спуст што ќе го помните засекогаш

Кога конечно ќе започне спустот, следува околу еден час чиста радост, или пократко, ако сакате брзина. Сепак, се препорачува повремено да закочите, длабоко да вдишете и да уживате во глетките.

Тешкото искачување, студениот ветер и заморот брзо се забораваат бидејќи наградата доаѓа во форма на еден од најубавите зимски спустови во Европа.

 

Извор: 24sedam.rs
Фото: Instagram