Љубовта и болката на Фрида Кало

Љубовта и болката на Фрида Кало

Животот на оваа неверојатна жена, сликарка и една од најголемите икони на 20 век бил обележан со неверојатна болка, страв, храброст, упорност и генијалност.

Фрида Кало (Магдалена Кармен Фрида Кало и Калдерон) била родена во Којоакан, Мексико, на 6 јули 1907 година, како една од четирите ќерки на татко со унгарско-еврејско потекло и мајка со шпанско-мексикански и индијански корени. Фрида во обид да го поврзе своето раѓање со раѓањето на модерното Мексико, тврдела дека била родена во 1910 година за време на Мексиканската револуција.

Како дете имала големи здравствени проблеми, а на неполни 18 години доживеала тешка сообраќајна несреќа која ѝ донела кобни последици. Од несреќата излегла жива, меѓутоа, со сериозни и трајни повреди кои ја следеле цел живот. Имено, метална шипка ѝ се забила во грбот, при што ѝ предизвикала силно крвавење. Повредата ѝ предизвикала трајно оштетување на 'рбетот, одземајќи ѝ ја надежта дека некогаш ќе стане мајка. Поради оваа повреда, таа долго време останала во кревет.

Закрепнувањето било мачно и долготрајно. Била подложена на триесет и две хируршки интервенции, а докторите немале голема надеж дека ќе закрепне и дека ќе води нормален живот. Меѓутоа, оваа жена со силен дух го докажала спротивното и сите ги оставила без здив.

Не само што закрепнала и повторно застанала на нозе, туку и за време на нејзиното закрепнување, на она место што сите го нарекуваат „болничка постела“ и „соба на тагата“, таа нацртала неверојатни слики со живи бои, слики на нејзината реалност и емоции. Таа му пркосела на сè што ѝ се случило, и се вратила со огромна сила и пронашла нова енергија и желба за живот. Токму во тие моменти на безнадежност и самотија таа се пронашла себеси и ја пронашла желбата за создавање, како и амбицијата да остане запаметена.

Во една пригода рекла:

„Јас ја сликам сопствената реалност. Сè што знам е тоа дека сликам поради потребата да работам, а причината зошто така се сликам себеси е бидејќи себеси се познавам најдобро“.

По закрепнувањето таа ѝ се придружила на група од мексикански сликари. Преку нив го запознала Диего Ривера, познат сликар и нејзин иден сопруг, поради кој се насочила кон комунистичката идеологија. Ривера ја запознал со нејзиниот несекојдневен талент и ја охрабрил да носи традиционална мексиканска облека со силни бои и егзотичен накит, и со тоа ѝ помогнал во создавањето на нејзиниот стил по кој станала многу позната.

Се венчале во август 1929 година, меѓутоа, бракот не бил онаков каков што очекувале бидејќи бил исполнет со неверства од двете страни, жестоки расправии и постојани проблеми. Убава, интелигентна и неверојатно талентирана, Фрида била најпосакуваната жена на тоа време. Таа била поврзувана со многу јавни личности, глумци, политичари и уметници кои ја посетувале во нејзиниот дом, познат по името „каса азул“ (сина куќа). По нејзината смрт „каса азул“ била претворен во музеј.

Болката што ја доживеала во нејзиниот брак често била рефлектирана во нејзините дела („Frida y Diego“). Таа е позната по нејзините зборови:

„Во животот ми се случија две големи несреќи. Првата беше сообраќајната несреќа која физички ме онеспособи, а втората беше Диего, тој тоа го направи на друг начин“.

Се развеле во 1939 година, за повторно да се смират по нецели 11 месеци. И покрај сите проблеми и неволји, тие останале најдобри пријатели, голема љубов и најверни обожаватели.

Фрида била (и ден-денес е) омилена во целиот свет. Великаните како Андре Бетон и Пикасо ја ценеле нејзината уметност и единствената искрена визија. Фрида организирала само три изложби од целиот нејзин труд: во Њујорк (1938 година), Париз (1929 година) и во Мексико Сити (1953 година). До моментот кога ја имала изложбата во Мексико Сити нејзиното здравје значително се влошило, а докторите строго ѝ наредиле мирување во кревет. Фрида уште еднаш ги изненадила сите кога во кревет се појавила на нејзината изложба. Креветот бил поставен на средината од галеријата. Иако била неподвижна, била вистинска домаќинка и на сите присутни им овозможила незаборавна вечер.

Истата година, откако се одржала и нејзината трета изложба, на Фрида ѝ се случила уште една несреќа. Поради инфекција, ѝ била ампутирана десната нога. На 13 јули 1954 година, на 47-годишна возраст, Фрида починала. Никогаш не била утврдена причината за нејзината смрт.

Последното нешто што го напишала во нејзиниот дневник било:

„Моето сликање со себе носи болка и тоа ми го уништи животот. Се надевам дека моето заминување од овој свет ќе биде весело и дека никогаш нема да се вратам тука“.