Менито на најздравите луѓе во светот, кои не знаат за рак
На крајниот север од Пакистан, во планинската долина Хунза, сместена во регионот Гилгит-Балтистан, постои народ кој живее и до 120 или 130 години. Се вели дека некои од нив го прославиле својот 145. роденден пред да го напуштат овој свет. Точниот број на години е тешко да се утврди бидејќи Хунзите немаат изводи од матичната книга на родените или докази што ја потврдуваат нивната виталност.
Во остатокот од Пакистан очекуваниот животен век е 67 години, но на „покривот на светот“, во изолираната дивина на Хималаите, владеат сосема различни закони на животот и смртта. Истражувачите забележале дека жените можат да забременат многу доцна, во шеесеттите години и понатаму, а се верува дека не боледуваат од рак. Научниците бараат објаснување во околината и исхраната.
Помалку месо, повеќе овошје
Хунзите пијат вода од глечерите, одгледуваат сопствена храна и бидејќи се отсечени од блиските градови, не јадат ништо преработено. Кајсиите често се наоѓаат на нивното мени, а за време на постот тие пијат само свеж сок и јадат семки од ова суперздраво овошје со денови, па дури и месеци. Месото не е на нивното мени секој ден, доминираат житарките и зеленчукот. Тие практикуваат јога, вежби за дишење и медитација.
Нивното потекло е обвиткано во мистерија. Тие имаат посветла кожа од сите соседни народи, а нивниот јазик (бурушаски) е посличен на баскискиот отколку на кој било друг јазик што ги опкружува. Се шпекулира дека се потомци на војниците на Александар Велики кои не можеле да го следат, па решиле да останат на Хималаите.
Извор: punkufer.dnevnik.hr
Фото: Instagram screenshot