Училиштето „Кирил и Методиј“ во Стајковци е добитник на Европската награда за иновативна настава - учениците беа активни носители на промените во училиштето

Училиштето „Кирил и Методиј“ во Стајковци е добитник на Европската награда за иновативна настава - учениците беа активни носители на промените во училиштето

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Овој проект ја промени училишната клима и со текот на времето се почувствува позитивна промена во односите меѓу учениците и наставниците. Се зголеми довербата, комуникацијата стана поотворена, а учениците почнаа послободно да го изразуваат своето мислење. Наставниците, пак, добија нови пристапи и повеќе самодоверба за работа во инклузивна средина. Училиштето постепено почна да функционира повеќе како заедница, сподели директорката на училиштето, Елена Антонова

Основното училиште „Кирил и Методиј“ во Стајковци е добитник на Европската награда за иновативна настава 2025, која ја доделува Европската комисија во Брисел.
Наградата е доделена за Еразмус+ проектот „Градиме демократскa и инклузивнa училишна клима“. Наградата беше подигната во Брисел од страна на наставничката Јасмина Јездиќ - координаторка на проект.

Ова признание е резултат на посветената работа на наставниците, учениците и целиот училиштен тим, кои преку иновативни и инклузивни активности придонесуваат за развој на демократска култура и европски вредности во образованието.



Активности поврзани со ученичкиот глас, еднаквоста и прифаќањето на различностите


Проектот „Градиме демократска и инклузивна училишна клима“ беше најнапред реализиран со 15 наставници кои учествуваа на обуки низ неколку европски земји каде што стекнаа конкретни знаења и практични алатки кои поттикнуваат демократска и инклузивна клима. Потоа проектот се прошири како партнерство во кое активно беа вклучени наставници, ученици и раководството на училиштето. Имено, фокусот беше на примена – наученото практично да се пренесе преку отворени часови, работилници и заеднички активности со учениците и родителите.

- Проектот не беше краткорочен, туку процес кој траеше подолго време, што ни овозможи промените навистина да се почувствуваат во секојдневниот училиштен живот. Оваа награда за нас претставува голема чест, но и потврда дека она што го работиме има вистинска смисла. Особено нѐ радува фактот што признанието доаѓа директно од Европската комисија во Брисел. Тоа ни дава чувство дека нашата работа е препознаена и надвор од локалната средина. Оваа награда, за нас како училиште, е мотивација да продолжиме со проекти кои го ставаат ученикот во преден план, со кои ќе се направи некоја позитивна промена во образованието - ни сподели директорката Елена Антонова.



Според неа, најважно е што учениците не беа само учесници, туку активни носители на промените.

- Демократските принципи не ги обработувавме само теоретски, туку ги применувавме во секојдневната работа. Активностите поврзани со ученичкиот глас, еднаквоста и прифаќањето на различностите донесоа конкретни и видливи резултати. Токму таа практична примена беше препознаена како силна страна на проектот - подвлекува Антонова.



Се забележа развој на критичко размислување

Овој проект ја промени училишната клима и со текот на времето се почувствува позитивна промена во односите меѓу учениците и наставниците. Се зголеми довербата, комуникацијата стана поотворена, а учениците почнаа послободно да го изразуваат своето мислење. Наставниците, пак, добија нови пристапи и повеќе самодоверба за работа во инклузивна средина. Училиштето постепено почна да функционира како заедница.



- Улогата на сите чинители е клучна. Поддршката од директорот создава услови за реализација на вакви проекти, наставниците се тие што ги носат промените во училницата. Без добра тимска работа, ваков проект тешко би имал вистински ефект. Учениците беа вклучени преку работилници, дебати, заедничко донесување правила, одлуки и активности за врсничка поддршка. Наместо да им зборуваме за демократија и инклузија, им дадовме можност да ги доживеат. Токму затоа ги прифатија идеите природно и со интерес. Кај многу од нив се забележа развој на критичко размислување, почит кон различностите и чувство дека се дел од поширока европска заедница - истакна директорката Антонова.



Оваа награда им отвора нови можности за идни соработки.

- Наградата ја зацврстува позицијата на ООУ „Кирил и Методиј“ - Стајковци како сигурен партнер за идни Еразмус+ и други меѓународни проекти. Таа отвора можности за нови партнерства, размена на искуства и понатамошен развој на иновативни образовни практики. И од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност добивме признание за нашата награда и можност да го презентираме нашето искуство пред други заинтересирани образовни институции - дополнува директорката.

Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.