Употребата на паметни часовници го подобрува откривањето на срцеви аритмии

Употребата на паметни часовници го подобрува откривањето на срцеви аритмии

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Паметните часовници што имаат ППГ и ЕКГ-функции за мерење на срцевите отчукувања го подобруваат откривањето на атријална фибрилација, се вели во анализата што ја спровеле истражувачите од Медицинскиот центар при Универзитетот во Амстердам. Тие анализирале податоци од 437 пациенти и откриле срцева аритмија четири пати почесто кај оние што носеле паметен часовник „епл“.

-Традиционално, следењето се одвива со други ЕКГ-уреди, но за пациентите тие можат да бидат малку иритирачки, а повеќето од нив можат да го следат ритамот на срцето само две недели - вели Мишиел Винтер, кардиолог во Медицинскиот центар.

Атријалната фибрилација е аритмија која се поврзува со мозочен удар. Неправилното атријално отчукување може да доведе до згрутчувања во крвта. Ако овие згрутчувања стигнат до мозокот, можат да предизвикаат мозочен удар.

- Уредите што го следат и вашиот пулс и електричната активност на срцето со комбинирање на ППГ и ЕКГ-функциите постојат веќе подолго време. Сепак, колку добро оваа технологија работи за скрининг на пациенти со зголемен ризик од атријална фибрилација, сè уште не е испитано во реални услови - додава Никол ван Штајн, доктор на науки од Универзитетот во Амстердам.

Во истражувањето 219 пациенти над 65 години со зголемен ризик од мозочен удар користење паметен часовник, додека 218 пациенти добиле стандардна нега. Пациентите биле следени шест месеци, а корисниците на паметни часовници го носеле часовникот 12 часа на ден.


- По шест месеци дијагностициравме и лекувавме 21 пациент во групата што го носела паметниот часовник, од кои 57 % беа асимптоматски случаи. Додека, пак, во групата што примаше стандардна нега беа дијагностицирани  само 5 пациенти, а сите во таа група имале симптоми - вели Винтер.

Винтер смета дека овие резултати нудат цврсти докази дека уредот не е погоден само за долгорочен скрининг, туку и ја зголемува стапката на откривање срцеви аритмии.

- Користењето паметни часовници со ППГ и ЕКГ функции им помага на лекарите во дијагностицирање на лицата што не се свесни за нивната аритмија, со што се забрзува дијагностичкиот процес. Нашите наоди укажуваат на потенцијално намалување на ризикот од мозочен удар, што ќе им користи и на пациентите и на здравствениот систем преку намалување на трошоците. Ова намалување би ја компензирало почетната цена на уредот - заклучува Винтер.

Извор: medicalxpress.com

Фото: Freepik