Експерти откриваат што му прават диетите на метаболизмот

Експерти откриваат што му прават диетите на метаболизмот

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Кога станува збор за диетите, истражувањата покажуваат дека поголемиот дел од луѓето враќаат барем дел од тежината што ја изгубиле. Има повеќе причини за ова, а најпопуларните се дека диетите трајно го оштетуваат метаболизмот. Вистина е дека диетите го забавуваат метаболизмот, но тие може и да го подобрат на повеќе начини, пишуваат Адам Колинс и Аојф Иган од Универзитетот во Сури за „Сајенс алерт“.

Кога се зборува за метаболизмот, најчесто се мисли на брзината на метаболизмот, а тоа се калориите што телото ги гори додека се одмора. Јасно е дека тоа гори повеќе калории кога сме физички активни. Доколку сакате да ослабите со диета, треба да внесувате помалку калории отколку што трошите, а ова го принудува телото да користи енергетски извори, како маснотиите, за да надомести за недостигот на калории внесени преку храната. Како резултат на тоа, се менува брзината на метаболизмот.

Губењето мускулна маса за време на диетата го забавува метаболизмот, што значи дека на вашето тело ќе му бидат потребни помалку калории од претходно. Освен тоа, телото намерно дополнително го забавува метаболизмот за да ги зачува енергетските извори и да ја сведе загубата на тежина на минимум. Кога телото препознава промени во зачуваните маснотии, започнува процес што го забавува метаболизмот, а тоа може да го стопира губењето на тежината, без разлика на колку строга диета сте.


Фото: Pixabay

Овој процес почнува во првите три дена по започнувањето на диетата и може да продолжи дури и кога ќе престанете со режимот на исхрана, што може да доведе до зголемување на тежината. Едно истражување од 2016 година покажало дека лицата што се на диета имале побавен метаболизам со години по губењето на тежината. Тие морале да јадат до 500 калории помалку од дневниот просек.

Колинс и Иган додаваaт дека на брзината на метаболизмот може да влијаат повеќе фактори, па промените може да се разликуваат од човек до човек.

Меѓутоа, забавувањето на метаболизмот е само една промена што му се случува на телото за време на диета. Главната промена е намалувањето на маснотиите во телото, а ова се случува со намалување на масните клетки во големина, но не и нивно исчезнување. Ова намалување на големината предизвикува пад на хормонот лептин, што го регулира апетитот и го забрзува метаболизмот. Со негово намалување се забавува метаболизмот и се создава чувство на глад.


Фото: Pixabay

За време на диета телото помалку лачи и други хормони за регулирање на апетитот, а истовремено телото создава повеќе масни клетки за да може да се зачуваат повеќе маснотии во иднина за да се справи со „кризата“ со недостиг на калории.

Колку и да звучи контрадикторно, овие промени доведуваат до поздрав метаболизам на крајот, пишуваат Колинс и Иган. Помалите масни клетки се подобри за здравјето бидејќи тие полесно се ослободуваат од вишокот шеќер и маснотии, велат тие.

Колинс и Иган заклучуваат дека диетите му помагаат на метаболизмот да работи подобро, но доколку не се внимава, ова подобрување може да доведе до зголемување на тежината наместо нејзино губење. Според нив, вежбањето или каква било физичка активност се начин за спречување на враќањето на тежината и му помагаат на телото да го минимизира забавувањето на метаболизмот и подобро да го регулира апетитот.

Автори: Адам Колинс и Аојф Иган
Извор: sciencealert.com