Ако веќе морате да ги „гуглате“ симптомите, докторка предупредува која грешка да не ја правите
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Докторка по општа медицина објаснува дека пребарувањето на интернет веројатно не дава целосна слика за вашата здравствена состојба. Иако разбира дека луѓето истражуваат, смета дека речиси сите ја прават истата грешка.
Многумина од нас штом почувствуваат некаков здравствен проблем, прво пребаруваат на интернет наместо да посетат стручно лице. Сепак, една докторка упати остро предупредување до сите што ги гуглаат своите симптоми, истакнувајќи дека таквата практика може да донесе повеќе штета отколку корист.
Д-р Рај Арора, докторка која работи во рамките на британската национална здравствена служба, објаснува дека интернет-пребарувањето веројатно не нуди целосна слика за вашето здравје. Иако разбира дека луѓето ги истражуваат симптомите за подобро да ги разберат своите проблеми, таа верува дека притоа речиси сите ја прават истата грешка.
- Секогаш советувам да не ги гуглате своите симптоми, но да бидеме искрени, вие ќе го направите тоа. Затоа ајде да зборуваме како да го направите тоа на безбеден начин - вели таа и додава дека „Гугл“ создава краток преглед заснован на вештачка интелигенција и на податоците што сте ги внеле. Тоа резиме не ги зема предвид вашиот говор на телото, како се чувствувате, ниту што било друго освен зборовите внесени во пребарувачот.
- Врз основа на тоа може да се појават многу различни дијагнози, понекогаш сосема релевантни, а понекогаш и целосно неточни. Всушност, во повеќето случаи целосно се неточни - тврди докторката.
Таа советува информациите што сте ги пронашле на интернет да ги споделите со вашиот лекар за да видите дали се согласува со нив, но никогаш да не му верувате на интернет-пребарувањето повеќе отколку на дијагноза од доктор.
Одложено лекување и непотребна анксиозност
Потпирањето на интернет-самодијагноза не само што може да го одложи правилното лекување, туку може да предизвика и значителна психолошка штета. Причината е тоа што можете да почнете да се грижите за нешто „целосно неважно“, што води кон непотребен стрес и анксиозност.
Д-р Арора е свесна дека понекогаш може да потрае додека да добиете термин за преглед. Во меѓувреме, ги поттикнува луѓето да водат дневник на симптоми. Така, кога ќе дојде време за преглед, ќе можат да му дадат на лекарот што е можно повеќе информации, што го олеснува поставувањето точна дијагноза.
Што велат „Гугл“ и здравствените системи?
И самиот „Гугл“ јасно истакнува дека резултатите од пребарување симптоми се наменети исклучиво за информирање и не смеат да се користат за поставување дијагноза или одредување терапија.
Компанијата се осврна и на загриженоста дека резултатите базирани на вештачка интелигенција би можеле да понудат неточни совети.
Портпарол на „Гугл“ изјави дека значително се вложува во квалитетот на резимеата создадени со вештачка интелигенција, особено кога станува збор за здравствени теми, и дека мнозинство од нив обезбедуваат точни информации.
Извор:
021.rs
Фото: Freepik