Голема новост за корисниците на „Фејсбук“: „Пронајди пријател“ е незаконска функција

Голема новост за корисниците на „Фејсбук“: „Пронајди пријател“ е незаконска функција

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

„Фејсбук“ повеќе не смее да ја користи функцијата „Пронајди пријател“ за пристап до податоци на лица кои самите не се регистрирани на платформата.

Таква одлука донесе Покраинскиот суд Берлин II, нагласувајќи дека пресудата се однесува на фејсбук-корисниците што живеат во Германија.

Како функционира „Пронајди пријател“?


Регистрираните корисници на „Фејсбук“ преку оваа функција можат да ги пренесат контактите зачувани на своите уреди на серверите на компанијата. Корисникот може во секој момент да ги избрише тие податоци од својот профил. Пренесените информации се користат главно за полесно пронаоѓање лица или за предлози за пријатели што му се прикажуваат на корисникот.

Судот смета дека е спорно тоа што податоците на лица кои не се регистрирани на „Фејсбук“ се чуваат на серверите на компанијата без нивна согласност.

Судот истакнува и дека лицата што не го користат „Фејсбук“ немаат никаква корист од тоа што нивните податоци се складирани, а преку оваа функција може да се соберат и податоци од луѓе кои свесно се држат подалеку од платформата.

Сличен став има и Соjузната организација за заштита на потрошувачи на Германија, која ја поднесе тужбата против матичната компанија „Мета“.

- На овој начин „Мета“ собира податоци и за лица што воопшто не се регистрирани на „Фејсбук“, на пример, затоа што намерно не ја користат платформата - нагласи Рамона Поп, претседателка на организацијата.

Што значи пресудата за корисниците?

За регистрираните корисници, засега ништо не се менува. Судот ја прогласи функцијата „Пронајди пријател“, во формата во која се користела во моментот на поднесување на тужбата, за недозволена и побара од „Фејсбук“ да престане да ја применува. Сепак, компанијата не е обврзана да ги избрише веќе пренесените податоци.

Досега корисниците можеа да му се обратат на „Фејсбук“ за да дознаат дали нивните податоци се складирани на серверите на компанијата. Во иднина ќе можат да се повикаат на оваа првостепена пресуда. Одлуката, донесена на 2 декември 2025 година, сè уште не е правосилна.

Во моментов пресудата се однесува само на „Фејсбук“. Но, според процената на потрошувачката организација, таа има одредена сигнална вредност бидејќи и други социјални мрежи понекогаш користат слични функции.

Што со персонализираното рекламирање?


Персонализираното рекламирање останува, но не безусловно и не без согласност на корисникот. Судот во истата постапка испита и други практики на „Фејсбук“ што не се поврзани со функцијата „Пронајди пријател“. Утврдено е дека „Мета“, меѓу другото, ги анализира активностите на своите корисници на платформата без нивна дозвола за да прикажува персонализирани огласи.

- Корисник на социјална мрежа, дури и ако услугата е бесплатна, не може да очекува операторот на мрежата да ги обработува неговите лични податоци без негова согласност за целите на персонализирано рекламирање - се наведува во пресудата.

Понатаму се истакнува дека користењето на податоците исклучиво за прикажување таргетирани реклами не е оправдано бидејќи фејсбук-корисниците првенствено го користат заради социјална интеракција, а не заради огласи.

Извор: N1info.hr
Фото: Freepik