Колумна: Извесни трендови во денешната енергетска неизвесност

Колумна: Извесни трендови во денешната енергетска неизвесност

Енергијата претставува крвоток за одвивање на сите активности во државата, во фабриките, во сообраќајот, трговијата, разните институции, дома и надвор за граѓаните. Од друга страна, гледаме дека енергетскиот сектор се соочува со многу неизвесности кои го комплицираат функционирањето на работите на сите нивоа, како и животот на населението. Во тој контекст ќе наведам неколку причини: климатските промени и енергетската транзиција, енергетската криза во 2022 година, војната во Украина и санкциите кон Русија (особено со гасот и нафтата), пресвртот во САД со кој претседателот Доналд Трамп ги промовира фосилните горива, воени интервенции и конфликти на Блискиот Исток, вклучувајќи ја и Венецуела. Од друга страна, се одвива интензивен развој и употреба на обновливите извори на енергија (ОИЕ) во целиот свет и особено во Европа.

Во ваква сложена и неизвесна ситуација подолу се наведени некои трендови што би се одвивале во енергетскиот сектор, а кои можат да помогнат во насочување на стратегиите за работа во овој сектор во иднина.

Интензивно ширење на примената на електрична енергија (електрификација)

Потребите и потрошувачката на електрична енергија интензивно се зголемуваат главно поради следниве причини:
- Зголемување на бројот на автомобили и други возила на електричен погон;
- Сè поголемата примена на топлинските пумпи за греење на просториите и за други намени;
- Зголемената примена на клима-уредите за ладење, особено во земјите со топла клима;
- Изградба на центри за податоци наменети за вештачка интелегенција;
- За потребите при пораст на индустриското производство.

За да се задоволат сите овие потреби, производството на електрична енергија мора да се зголемува и тоа со темпо диктирано од интензивната побарувачка.

Континуиран раст на обновливите извори на енергија

Значи погоре се наведени фактите според кои ќе има зголемување на употребата на електричната енергија. Притоа главно се смета на користење електрична енергија добиена од ОИЕ. Олеснителен фактор е тоа што инвестициите во изградба на системи кои користат ОИЕ станаа со пониски цени (поконкурентни) во споредба со оние што користат фосилни горива и нуклеарна енергија. Сепак, нафтата и гасот ќе бидат широко користени уште многу години, но ќе бидат во постојано опаѓање. Порастот на примената на сончевата енергија е водечки во целиот свет. Ова особено се однесува на Кина, но има јасен почеток во многу земји во развој, како што е Индија, кои имаат многу квалитетен сончев ресурс (многу сончеви денови и посилен интензитет на зрачење).

Секако, тука треба да се наведе и енергијата на ветерот, со изградба на ветропаркови на водени површини и на копно.
Со оглед на повремените прекини кога нема сонце и ветер, треба да се спомене употребата на батерии за складирање електрична енергија, иако моментално нивната примена е релативно мала поради малиот капацитет на складирање. Но можен е напредок на оваа технологија, а со тоа и поголема примена.

Хидропотенцијалот во одреден број земји е речиси целосно искористен, но во многу други земји е делумно или малку искористен. Република Македонија (РМ) спаѓа во оваа група земји.

Примената на геотермалната енергија треба да се зема предвид бидејќи и таму се очекува развој на нови технологии.

Пресврт во користењето на нуклеарната енергија

По нуклеарните катастрофи во Чернобил (1986 г.) и Фукушима (2011 г.) некои земји воведоа забрана за изградба на нови, а други решија постепено да ги отстранат веќе изградените. Но денес работите многу се променија, главно од три причини: 1) Нема емисии на стакленички гасови кај нуклеарните реактори; 2) Огромната потреба од електрична енергија, особено за центрите за податоци; 3) Производството на електрична енергија е стабилно 24 часа на ден за разлика од ОИЕ.
Вообичаено нуклеарните електрани се градеа со капацитет од околу 1.000 MW и поголеми, но денес има интензивен развој на релативно мали нуклеарни електрани од 300 MW и помали.

Тука е присутен проблемот со нуклеарниот радиоактивен отпад, кој е многу штетен за здравјето на луѓето и има трајност од стотици години. Од таа причина, еколошките организации се против користењето на нуклеарната енергија. Се разбира, постои веројатност и од нуклеарни хаварии, а тогаш настанува голема катастрофа.

Ризици и енергетска безбедност

Изградбата на нови капацитети за производство на електрична енергија повлекува потреба за изградба и доградба на соодветна електроинфраструктура (мрежа) за пренос и дистрибуција на истата, како и систем за соодветна заштита и управување бидејќи потрошувачката е променлива, а понекогаш има големи моментални скокови и падови. Во тој поглед треба да се воспостави и регионална поврзаност за подобрување на безбедноста при големи оптоварувања или големи падови во снабдувањето.

Проблемите при користењето на електричната енергија претежно од сонце и ветер, исто така, треба да бидат со веќе предвидено решение во кое се вклучуваат капацитети кои имаат базно производство. Ако нема такво, тогаш ќе треба итно да се набавува струја и од увоз.

Енергетските системи треба да бидат проектирани и изведени така што ќе бидат отпорни на екстремни временски услови. Исто така, треба да се зема предвид и „најмодерниот“ ризик денес, а тоа е сајбер-нападот.

Ризиците за набавка на нафта и гас не ги разгледувам во овој напис. Претпоставувам дека по 2030 година нивната употреба ќе се намалува, а тоа значи дека на пазарот ќе има поголема понуда отколку што ќе бидат потребите на корисниците.

Државата треба да има енергетска стратегија

На пазарите за енергија и енергенти главниот збор го имаат мултинационални компании. Но енергијата се издига на ниво на прашање од економска и национална безбедност на секоја држава, така владата мора да интервенира за да ги регулира состојбите наместо да ги остава само на пазарот. Ова се однесува на следење и обезбедување сигурност во снабдувањето со енергенти и електрична енергија, овозможување енергетски развој и создавање можности за воведување напредни енергетски технологии. Факт е дека покрај набавките во променливи пазарни услови, трговијата со нафта и гас е исто така сè повеќе предмет на преговори меѓу владите, понекогаш со примеси на политички интерес. Но има и контрапримери во кои се воведуваат санкции во трговијата со енергенти.

Во услови на денешните геополитички превирања, ако се следат само неизвесностите без подготвена своја стратегија, може да дојде до неодлучност и парализа. Пристапот „чекај и види“ во енергетскиот сектор од страна на владата, компаниите и инвеститорите ризикува да ги одложи проблемите за во иднина, со оглед на жедта на светот за енергија. Погоре изнесените можни трендови може да им помогнат на донесувачите на одлуки да се потпрат за натамошната работа и треба да се земат предвид при планирање во иднината.

Дел од трендовите погоре се споменати и во информации на Меѓународната агенција за енергија (IEA). Но таму не се споменати специфични детали за поединечни држави. Во тој контекст, за Република Македонија јас би сакал посебно внимание да се обрне на потенцијалите што ги има нашата земја за изградба на хидроелектрични централи по текот на Црна Река (Чебрен и Галиште), како и проектот Вардарска Долина, пумпно-акумулациони централи и други можности.

Автор: проф. д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машински факултет – Скопје