Човекот често пати обидувајќи се да ја интерпретира својата реалност и да си најде свој простор во неа, „несвесно“ се вплеткува во механизмите на потсвеста. Тоа е целокупната комплексност на концептот на анксиозноста.
Човекот природно тежнее кон сигурност, кон јасност и контрола. Но реалноста ретко го нуди тој комодитет и стабилност во целина. Во услови кога мотивот за високи постигнувања, високото ниво на перфекционизам, нивото на аспирација кон повисоките цели, нашата самодоверба и други ситуации не се на нашето „барано и очекувано“ ниво, започнува патот кон друга своја логика на интерпретација. Всушност, во просторот помеѓу желбата за сигурност и неможноста таа да се постигне се раѓа анксиозноста. Таа не е само страв од тоа што може да се случи, туку страв од тоа што не може да се знае. Неизвесноста станува психолошки товар, а умот започнува да ја пополнува со претпоставки, најчесто негативни. Анксиозноста не е само чувство на неопределен страв, ниту пак едноставна реакција на опасност. Таа е сложен психолошки процес, тивок и често невидлив, кој се одвива во длабочината на човековото доживување. Современиот човек, оптоварен со потребата за самосвест, анализа и перфекција, сè почесто се соочува со сопствениот ум како со непозната и непредвидлива територија. Во тој процес, мислата не останува само мисла. Таа се трансформира во доживување, во чувство, психо-физички реакции. Срцето се забрзува, телото се напнува, вниманието се стеснува, тогаш, она што било само можност почнува да се чувствува како реалност. Токму интерпретацијата на ситуацијата, а не самата ситуација, ја создава емоционалната реакција. Значи, неизвесноста сама по себе не е опасност, но начинот на кој се толкува ја прави таква.
Потсвеста „(нај)сигурно“ место на анксиозноста. Анксиозноста не е само реакција на реални закани, туку сложена интеракција помеѓу когнитивните, афективните и конативните реакции и потсвеста, која формира свој внатрешен систем на значење. Многу психолошки состојби и процеси, вклучувајќи го и стравот, се делумно водени од несвесни импулси и претпоставки кои ја обликуваат свесната перцепција на реалноста. Така, анксиозноста може да се гледа како „тивка логика на стравот“ која функционира низ сложена интеракција на свесни и потсвесни механизми. Под површината на овие процеси дејствува уште подлабок слој кој е автоматски, тивок и често несвесен. Во него се складирани претходни искуства, стравови и научени обрасци кои ја обликуваат сегашната реакција. Овој слој, кој традиционално се поврзува со размислувањата, не е директно видлив, но постојано влијае врз тоа како личноста ја доживува реалноста. Неизвесноста не се чувствува само како моментална состојба, туку како повторување на нешто веќе познато, но неразјаснето. Дополнително, современите пристапи покажуваат дека анксиозноста не се одржува само преку содржината на мислите, туку и преку односот кон нив. Човекот почнува да се плаши од самото размислување, од неможноста да ги контролира своите мисли. Така се создава двоен слој на неизвесност, не само што светот е непредвидлив, туку и внатрешниот свет станува несигурен. Во таа точка, анксиозноста ја открива својата суштина како „тивка логика“. Таа не е хаотична, туку има своја внатрешна доследност. Ако светот се доживува како несигурен, а сопствените ресурси како недоволни, тогаш стравот станува логичен. Проблемот не е во логиката, туку во претпоставките врз кои таа се темели.
Што претставува?
Анксиозноста е универзална човечка појава, присутна во секојдневниот живот, но кога станува интензивна, таа може да ја наруши способноста на личноста за нормално функционирање. Во современиот свет сè повеќе станува „современ симбол на неизвесноста“ за себе во реалноста. Таа сè помалку се доживува како страв од надворешни закани, а сè повеќе како тивка, но постојана напнатост насочена кон сопственото внатрешно искуство. Таа не е само реакција на реалноста, туку реакција на начинот на кој човекот се доживува себеси во таа реалност. Оттука, анксиозноста може да се разбере како современ симбол на стравот од себе – од сопствените мисли, чувства и можноста да се изгуби контрола над нив. Анксиозноста може да се разбере како парадокс кој се забележува во обидот за контрола, што создава уште поголема загуба на контролата. Наместо да биде сигнал за надворешна опасност, таа станува показател за внатрешна несигурност во сопствените психолошки процеси. На крајот, анксиозноста не е само симптом на слабост, туку одраз на длабока човечка потреба за сигурност во свет кој по својата природа е неизвесен. Нејзината „тиха логика“ може да се разбере не како непријател, туку како сигнал – повик за нов однос кон неизвесноста, во кој наместо страв, се гради прифаќање и внатрешна стабилност.
Кaде најчесто се лоцира изворот на појавата?
Класичните психолошки теории го лоцираат изворот на анксиозноста во внатрешните конфликти и потиснатите содржини на потсвеста. Според ова гледиште, човекот не се плаши само од светот, туку од она што може да излезе од него самиот. Иако оваа перспектива денес е надградена, нејзината суштина останува релевантна. Анксиозноста често е сигнал дека внатрешниот свет не е целосно интегриран. Современите когнитивни модели ја поместуваат оваа динамика кон интерпретацијата во насока дека анксиозноста се одржува преку страв од самото размислување. Човекот почнува да се плаши дека неговите мисли се неконтролирани, опасни или дури деструктивни. Во тој момент, проблемот повеќе не е ситуацијата, туку односот кон сопствениот ум. Анксиозноста станува затворен круг во кој личноста се обидува да избега од себе, но токму тоа бегство ја одржува. Кога човекот ќе престане да се плаши од своите мисли и ќе започне да ги разбира како дел од природниот психолошки процес, анксиозноста ја губи својата сила. Таа повеќе не е непријател, туку сигнал – повик кон подлабоко самоспознавање и интеграција. Анксиозноста не е само симптом на современиот живот, туку огледало на односот што човекот го има со себе. И можеби најголемата промена не лежи во контролата на стравот, туку во храброста да се биде присутен со себе. Современиот когнитивен модел ја препознава анксиозноста во дисторзирани когнитивни шеми, каде што ситуациите се интерпретираат како заканувачки, а личните ресурси се потценуваат. Кога овие когнитивни процени се комбинираат со потсвесни сигнали за потенцијална опасност, се активира интерактивен процес кој го засилува стравот. Метакогнитивните теории на Адријан Велс (2000) укажуваат дека личноста не се плаши само од случувањата, туку и од сопствените мисли, кои често носат несвесни вредносни судови и внатрешни конфликти. Невронаучните истражувања, на Жозеф Ле Дукс (Joseph LeDoux 2012), покажуваат дека амигдалата и поврзаните структури ја обработуваат емоционалната и потсвесната порака за закана, што создава брзи, автоматски реакции кои не секогаш се синхронизирани со свесната перцепција на реалноста. Овој „прикриен аларм“ објаснува зошто лицето со анксиозност чувствува напнатост и немир, дури и кога нема непосредна опасност. Интерпретацијата на себе во реалноста, преку доживување негативни мисли и телесни симптоми, преку потсвесни верувања и шаблони од минатото, ја обликува нивната свесната самоперцепција, што го засилува циклусот на анксиозност. Контроверзијата во современата психолошка литература произлегува од тоа дали анксиозноста е патолошка дисфункција или адаптивен механизам кој само е погрешно активиран. Мидоус и сор. (Meadows et al. 2017) истакнуваат дека хроничната анксиозност може да биде производ на прекумерна свесна и потсвесна обработка на информации, каде што мозокот постојано ја интерпретира реалноста низ објективно безбедни ситуации како потенцијални закани. Во овој контекст, анксиозноста не е само симптом, туку и сигнал од потсвеста што укажува на потреба за внимателно толкување на сопствените мисли и емоции. Психолошките интервенции се фокусираат на разоткривање на автоматските мисловни модели и потсвесни уверувања кои ја одржуваат анксиозноста Целта е не само намалување на симптомите, туку и изградба на способност за реална интерпретација на себеси и своите реакции во контекстот на животот. На крајот, анксиозноста како „тивка логика на стравот“ и интерпретација на себеси во реалноста ја открива нејзината сложена природа. Таа не е само слабост, туку внатрешен сигнал за адаптација кој, доколку се разбере правилно, овозможува развој на отпорноста на психолошкиот имунитет и подобро саморазбирање.
Каде се наоѓа психолошкиот код на анксиозноста!
Психолошкиот код на анксиозноста не е сместен на едно конкретно место, ниту може да се сведе на еден механизам. Нејзиниот „код“ не е запишан во еден симптом или во една мисла, туку во начинот на кој личноста ја доживува неизвесноста. Токму таму, во односот кон она што не може да се предвиди, се крие нејзината тивка логика. Тој не постои како јасно дефинирана „структура“, туку како динамична мрежа од значења, реакции и интерпретации што се одвиваат во внатрешниот свет на човекот. Ако треба да се лоцира, тогаш најпрецизно може да се каже дека се наоѓа во начинот на кој личноста се доживува себеси во реалноста. Во таа смисла, анксиозноста не започнува со надворешниот настан, туку со внатрешната интерпретација. Кога човекот се соочува со ситуација, тој не реагира директно на неа, туку на значењето што ѝ го придава. Токму тука се активира „кодот“ – во мислата дека нешто е опасно, дека не е доволно подготвен или дека нема контрола. Како што укажува Арон Бек (Aaron Beck), овие длабоки когнитивни шеми дејствуваат како филтри преку кои се перципира реалноста, често изобличувајќи ја во насока на закана. Но, овој код не е само свесен. Дел од него е скриен, автоматизиран и вграден во искуствата од минатото. Во тој слој, кој традиционално се поврзува со идеите на Сигмунд Фројд, се наоѓаат емоционални траги, потиснати стравови и рано научени обрасци кои продолжуваат да влијаат врз сегашното доживување. Тие не ѝ се секогаш достапни на свеста, но силно ја обликуваат реакцијата на телото и умот. Кога овие два слоја – свесниот и потсвесниот – ќе се поврзат, се создава специфичен внатрешен круг. Мислата иницира емоција, емоцијата активира телесна реакција, а таа реакција повторно се интерпретира како доказ дека „нешто не е во ред“. Во тој процес личноста не само што чувствува анксиозност, туку почнува да се плаши од сопственото искуство. Најчесто односот кон сопствените мисли, а не само нивната содржина, го одржува овој циклус. Затоа, психолошкиот код на анксиозноста не е ниту во светот ниту исклучиво во телото, туку во внатрешниот систем на значење. Тој е во начинот на кој човекот ги чита своите мисли, ги толкува своите чувства и ја разбира сопствената позиција во реалноста. Анксиозноста, во тој контекст, не е само симптом, туку начин на кој психата сигнализира дека постои несогласување помеѓу тоа како човекот се доживува себеси и тоа што навистина е. И токму таму, во таа тивка интерпретација на себеси, се наоѓа нејзиниот код. Затоа, психолошкиот код на анксиозноста не се наоѓа во самата неизвесност, туку во начинот на кој човекот се однесува кон неа. Дали ја доживува како закана или како природен дел од животот? Дали се обидува да ја елиминира или да ја разбере? Одговорите на овие прашања ја одредуваат силата и траењето на анксиозноста.
Анксиозноста не е слабост, туку сигнал. Не се плашиш од светот, туку од неговото значење. Мислата не е опасност, туку интерпретацијата ја прави таква. Неизвесноста не е непријател, туку реалност. Стравот често доаѓа однатре, а не од надвор. Контролата на мислите ја зголемува анксиозноста. Прифаќањето ја намалува нејзината сила. Анксиозноста е дијалог со себе, а не конфликт. Телото реагира на она во што умот верува. Мирот започнува кога ќе престанеш да се плашиш од себеси во реалноста.
Автор: проф. д-р Љупчо Кеверески