Натпреварувачите на ЗОИ 2026 ја продаваат својата опрема - еден дрес е продаден за 65.000 долари
Некои спортисти веќе продаваат дел од опремата и сувенирите што ги добија на Зимските олимписки игри 2026 година, барајќи стотици, па дури и илјадници долари.
Хана Норман, сноубордерка која ги претставуваше САД, им кажа на своите следбеници на „Тик-ток“ дека планира да продаде дел од својата олимписка опрема, вклучувајќи јакни и панталони што ги добила од „Ралф Лорен“ и „Најк“.
Објаснила дека одлучила да продаде дел од својата олимписка опрема затоа што просечната плата за сноубордер е „практично ништо“.
Факел продаден за 35.000 долари
Некои спортисти ја продаваат и опремата што ја носеле на натпреварувањето - холандската лизгачка Јута Лирдам го продава костимот за околу 9.000 долари.
„РР Окшн“, аукциска куќа со седиште во Бостон специјализирана за олимписки сувенири, веќе продала два предмети од Игрите во Милано и Кортина: факел од штафетата на олимпискиот пламен, кој бил продаден за речиси 35.000 долари, и керамички сад од церемонијата на палење на пламенот, кој достигнал цена од 5.000 долари.
Канадската национална хокеарска репрезентација продава дресови носени на натпреварувањето, а еден што го носел ѕвездата Конор Мекдејвид, кој е и капитен на „Едмонтон Ојлерс“, се продал за 65.000 долари.
Најскапиот медал во светот
Добитниците на медали од Олимписките игри во Милано и Кортина би можеле да дојдат до сериозна заработка. Боби Итон, специјалист за олимписки сувенири во аукциската куќа „РР Окшн“, изјавил дека олимпискиот медал би можел да се продаде за 60.000 до 80.000 долари, ако спортистот одлучи да го понуди веднаш по Игрите. Медалите ја достигнуваат својата највисока вредност веднаш по Олимписките игри бидејќи нема многу копии на пазарот, што ја зголемува цената.
Оваа година медалите вредат многу поради порастот на цените на златото и на среброто.
Некои олимпијци што одлучиле да ги продадат своите медали во минатото оствариле значителен профит. Пливачот Рајан Лохте, 12-кратен освојувач на олимписки медали, наводно продал три златни медали за 385.520 долари. Во 2022 година тој продал шест медали - три сребрени и три бронзени - за 166.000 долари.
Извор: forbes.dnevnik.hr
Фото: Freepik