Нов лек го спречува предвременото породување

Нов лек го спречува предвременото породување

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Ново истражување покажува дека лекот „ритвела“ ги намалил предвремените породувања и смртноста кај новороденчињата. Сегашниот стандарден третман за предвремено породување со „нифедипин“ не успеал да даде слични резултати.

- „Ритвела“ претставува ветувачки пристап кон третманот за безбедно продолжување на бременоста и растот на фетусот, а воедно им дозволува на органите на новороденчињата да се развиваат во матката. Ретко е иновацијата да комбинира толку многу научен, клинички и човечки потенцијал. Развојот на нови лекови за запирање на предвременото породување е одлучувачки чекор за здравјето на новороденчињата и нивните семејства низ целиот свет - истакнал д-р Силвен Чемтоб, виш автор на студијата и неонатолог од Монтреал, Квебек.

Претклиничките податоци го споредуваат „ритвела“ со „нифедипин“, најчестиот лек за предвремено породување во Северна Америка. „Ритвела“ ги намалил стапките на предвремено породување за 40 %, што значи дека се продолжила бременоста и развојот на фетусот.

Неонаталните компликации се многу поврзани со предвременото породување, главно поради неразвиеноста на феталните органи. „Ритвела“ спречил повреда на ткивото на фетусот предизвикана од воспаление и го промовирал неонаталниот развој, дури и кога се администрирал по изложеност на воспаление.

Воспалението во матката и плацентата е главен фактор за предвремено породување бидејќи често активира низа воспалителни сигнали кои го индуцираат породувањето. За разлика од постојните лекови, „ритвела“ избегнува имунолошка супресија, оставајќи го имунолошкиот систем недопрен за да ги заштити мајката и фетусот.

- Нашата намера при развојот на „ритвела“ за клиничка употреба беше да овозможиме поголемо созревање на фетусот пред раѓањето, а воедно да го сузбиеме штетното воспаление, што моментално достапните лекови не го прават. „Ритвела“ претставува ветувачки пристап кон третман за безбедно продолжување на бременоста и созревањето на потомството, со што ќе се заштити новороденчето од штетно предвремено породување предизвикано од воспаление - заклучила д-р Тифани Хабелрих, главна авторка на студијата.

Моментално достапните третмани се лекови кои се обидуваат да ги спречат или забават контракциите кај бремените жени. Сепак, овие лекови обично го одложуваат породувањето за помалку од 48 часа, што не го спречува предвременото породување, ниту му дава на фетусот повеќе време да се развие.

Предвременото породување влијае врз 13,5 милиони раѓања секоја година и е одговорно за над 900.000 смртни случаи годишно. Преживеаните бебиња може да имаат краткорочни и долгорочни компликации, поради тоа што органите и системите не се целосно развиени при раѓањето и поради изложеноста на опасно воспаление.

Извор: medicalxpress.com

Фото: Freepik