Ново Мексико бара професионален „гушкач“ на мечки

Ново Мексико бара професионален „гушкач“ на мечки

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Министерството за дивеч и риби на сојузната американска држава Ново Мексико бара „професионални гушкачи на мечки“. Меѓутоа, потребно е да се исполнат многу услови за да се добие работата. Гушкањето мечки е една од поволностите во кои ќе ужива новиот вработен во министерството доколку ги има потребните квалификации и ја помине потребната обука.

- Мора да биде способен за пешачење во напорни услови, да има храброст да влезе во дувло за мечки и да има доверба во соработниците дека го чуваат додека трае процесот - стои во огласот од министерството.

Пријавувањето трае до 30 март, а кандидатите треба да имаат факултетска диплома во биолошки науки, безбедност или право, шумарство, екологија или друга поврзана област. Кандидатите ќе мора да поминат и физички тест, пишан испит, медицински и психолошки преглед, како и интервју за работа.

Кандидатот што ќе биде примен ќе помине обука од речиси една година за управување со огнено оружје и брод, ловење и други вештини. Освен гушкањето мечки, вработениот ќе има и други одговорности, како едуцирање на јавноста за дивиот свет, спроведување анкети, помагање во донесување нови одлуки и заробување проблематични животни.

Извор: Insider
Насловна фотографија: Pixabay