Зошто Австралија настапува на „Евровизија“?

Зошто Австралија настапува на „Евровизија“?

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

На „Евровизија“ се натпреваруваат европските земји, но и земји надвор од нашиот континент. Ако некогаш сте се запрашале зошто и претставниците на Австралија имаат шанса да бидат дел од ова натпреварување, објаснувањето е многу едноставно.

Иако географски гледано нема логика Австралија да биде учесник на „Евровизија“, сепак, тоа се случува бидејќи ова натпреварување е многу популарно во оваа земја. Во Австралија „Евровизија“ се гледа можеби повеќе од која било европска земја, па организаторите сметале дека гледаноста може да биде уште поголема доколку Австралија секоја година праќа свој претставник на натпреварот.

Во 2014 година земјата доби официјална покана за настап во полуфиналето, но во забавниот дел од програмата. Веќе следната година учествуваше во натпреварувачкиот дел. Првично било планирано Австралија да учествува само во 2015 година и следната година доколку победи, но таа земја оттогаш не отсуствува од натпреварот.

Оваа година Австралија ја претставува „Војаџер“ со песната „Promise“, која моментално е 19. место на евровизиските обложувалници.


Меѓутоа,  доколку Австралија некогаш победи, ќе мора да се избере европска земја која ќе биде домаќин на „Евровизија“ во нејзино име бидејќи не се планира домаќин на натпреварот да биде на друг континент.

Извор: DDL
Насловна фотографија: Pixabay