Како би можела да изгледа редизајнираната култна „пегла“?

Како би можела да изгледа редизајнираната култна „пегла“?

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Пред повеќе од 25 години беше произведен последниот примерок на „фиат 126“, кај нас познат како „пегла“.

Овој автомобил беше најевтиниот автомобил во поранешна Југославија и можеше да се купи со годишна плата. Денес, ваков достапен автомобил би бил повеќе од добредојден, но ретро-трендовите денес се водени од поинакви причини, како стилот и носталгијата, а не само цената.

Ретро-трендот со години има силно влијание врз автомобилската индустрија. Старите модели се враќаат во модерни интерпретации, а носталгијата стана важен дел од маркетингот на производителите.

Некои брендови веќе претставија нови верзии на легендарни модели, како „рено 5“, додека други ги претворија култните имиња во модерни спортско-корисни возила. ФИАТ беше меѓу првите што ја препознаа моќта на носталгијата кога во 2007 година го претстави модерниот „фиат 500“, инспириран од оригиналниот модел.

Сега италијанскиот дизајнер Франческо Салвија од Рим покажува како би можело да изгледа уште едно враќање од минатото, нова интерпретација на легендарниот „фиат 126“.

Мал автомобил со голема историја


„Фиат 126“ беше еден од најпознатите мали автомобили на својата генерација. Во Италија, помеѓу 1972 и 1980 година, биле произведени 1.352.912 примероци, а подоцна производството било префрлено во Полска, каде што од 1973 до 2000 година биле произведени уште 3.318.674 возила.

 
Автомобилот бил долг само 3,05 метри, со мотор од 23 коњски сили, и останал во производство цели 28 години.

За Салвија, овој модел има лично значење.

- Колку што се сеќавам, тоа беше првиот автомобил на татко ми - изјавил дизајнерот, објаснувајќи ја својата инспирација.

Дизајн што го почитува оригиналот

Во својата визија за новиот „фиат 126“, Салвија посветил посебно внимание на светлосниот потпис на предните и на задните светла. Тие се инспирирани од едноставните квадратни фарови на оригиналот и неговиот минималистички преден дел.

Дизајнерот задржал и препознатливи детали, како капачето за гориво и рачките на вратите. Тие се интегрирани во каросеријата, но со форма што потсетува на оригиналот.


И задниот дел се потпира на стариот дизајн. Задните светла имаат мали продолжетоци кон средината на возилото, но за разлика од модерните трендови, нема поврзувачка светлосна лента.

Салвија смета дека малите градски автомобили повторно би можеле да добијат важна улога. Според него, малиот автомобил не е само прашање на стил, туку и практична потреба.

- Тоа значи помала потрошувачка, помал јаглероден отпечаток и полесно наоѓање паркинг во сè погустиот сообраќај - вели тој.

Ентериер што комбинира ретро и технологија

Внатрешноста е комбинација на едноставноста на оригиналниот модел и модерна технологија, слично како кај новиот „фиат 500“. Салвија осмислил и неколку дополнителни верзии на модерниот „фиат 126“.

 

Дизајнер со искуство во автоиндустријата

Франческо Салвија има искуство во проекти поврзани со автомобилската индустрија. Во текот на кариерата работел на дизајн на продажни салони и простори за брендови како „Рено“, „Дачија“, „Авис“, „Еуропкар“, „Маџоре“, „Сикст“ и „Херц“. Претходно Салвија претставил и модерни интерпретации на моделите „смарт форту“, „фолксваген буба“ и електричната „апе“. 


Извор: 021.rs
Фото: Screenshot (Facebook/Frank Sage Design Art