Кој е најгрдиот главен град на Балканот? Мртва трка помеѓу две престолнини!
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
На популарната социјална мрежа „Редит“ се отвори прашањето за тоа кој е најнепривлечниот главен град на Балканот. Корисниците од целиот регион не штедеа зборови, а во стотици коментари два града се издвоија како главни фаворити.
Социјалните мрежи отсекогаш биле совршено место за размена на мислења, а кога ќе се отвори тема за балканските градови, загарантирана е жестока и искрена расправија.
Почетната објава што ја поттикна дискусијата гласеше: „Сериозен разговор: Кој главен град на Балканот е според вас најгрдиот? И зошто?“ Корисниците од целиот регион не штедеа зборови, а од стотиците одговори јасно се издвоија главните „фаворити“ за најнепривлечна престолнина, при што се водеше, како што многумина опишаа, „мртва трка“ меѓу Подгорица и Скопје.
Најмногу негативни оцени и неславната титула дефинитивно ја доби Подгорица, која мнозинството корисници ја издвојуваа како најмалку привлечна. Многумина се согласија дека на црногорската престолнина ѝ недостига шарм и дека повеќе потсетува на попатна станица отколку на вистински главен град, а еден од коментарите со најмногу позитивни гласови ја опиша како „некој случаен град“. Други се обидоа подетално да го објаснат овој став, истакнувајќи ја нејзината историја.
Градот бил речиси целосно уништен за време на Втората светска војна, а неговиот денешен изглед, во кој доминираат социјалистички реализам и бруталистички блокови, на многумина им е одбивен.
- Подгорица едноставно е лоша. Луѓето се прекрасни. Ја сакам таа земја. Но, тоа е најдосадниот главен град. Искрено кажано, Подгорица е главен град само во политичка смисла. Таму се парламентот и слични работи. Во секој друг поглед, тоа е провинциски град - заклучил еден корисник.
Главниот град на нашата земја се најде на мета на остри критики, а главна причина за тоа е контроверзниот проект „Скопје 2014“, чија цена од првичните 80 милиони евра порасна на меѓу 500 и 700 милиони евра. Со проектот се настојуваше градот да добие „класичен“ изглед, но многу архитекти го осудија како „националистички кич“ и „дизнификација“.
Многумина ја нарекоа архитектурата „урбанистички масакр“, истакнувајќи дека Скопје некогаш бил град пријатен за живеење.
- Ако го занемариме масакрот што го направија од центарот на градот, тогаш Скопје изгледа како кој било друг град од поранешна Југославија. Единствена светла точка е старата чаршија, инаку е од една страна дистописки, а од друга, целосно балканско предградие - пишуваат редит-корисниците.
Градот беше опишан и како „супер кич“, што, според еден од коментаторите, го прави забележлив, но на многу лош начин.
Извор:
Vecernji.hr
Фото: Freepik