Застрашувачки предвидувања: Врнежите на Антарктикот драматично ќе се интензивираат во овој век

Застрашувачки предвидувања: Врнежите на Антарктикот драматично ќе се интензивираат во овој век

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Научниците идентификувале уште една промена на времето што нè очекува, а е предизвикана од притисоците од климатските промени, предвидувајќи повеќе врнежи по должината на бреговите на Антарктикот, моментално најсувиот континент на планетата.

Отсега до 2100 година се предвидува дека врнежите на Антарктикот ќе станат почести и поинтензивни, покажува ново истражување. Сè на сè, би можеле да забележиме зголемување на врнежите од околу 240 отсто на континентот.

Тоа ќе има големо влијание врз жителите на ледените површини - вклучувајќи ги тука и аделиските пингвини, чии пердуви не се водоотпорни. Кога влажното време е проследено со студ и ветар, овие птици можат да смрзнат и да пцовисаат.

- Очекуваме не само почести, туку и поинтензивни дождови - вели атмосферскиот физичар Етиен Вињон од Универзитетот „Сорбона“ во Франција.

Снегот е многу почест од дождот на Антарктикот, но тешко е да се измерат врнежите.

Антарктикот е класифициран како пустина и дури и снег паѓа ретко. Дожд паѓа најмногу околу брегот, а се проценува дека источниот брег има околу 4 врнежливи дена годишно, додека северозападниот полуостров повеќе од 50 дена.

За да добијат подетален увид во врнежите, Вињон и неговите колеги анализирале извештаи од набљудувања од десет станици на континентот од неколку децении и ги комбинирале со моделирањата и другите податоци за да добијат шема за процена на врнежите на Антарктикот.

Освен проценувањето на врнежите надвор од доменот на станиците, таканаречените атмосферски реаналици може да се користат за да се погледне во иднината. Тестирана на седумте идни сценарија изнесени од Светската програма за климатски истражувања, симулацијата покажала дека врнежите секојпат се зголемувале.

- Сè на сè, тоа што дождот ќе стане почест во потопла клима не треба да биде изненадување за никого, но магнитудата на која се случува ова на толку студен континент е интересно - вели метеорологот Ричард Бинтанја од Универзитетот во Гронинген во Холандија, кој не бил вклучен во студијата.

Заканата за пингвините е многу реална - големите врнежи во 2013-2014 година предизвикаа изумирање на цела популација птици во една од најголемите колонии на аделински пингвини на југоистокот од Антарктикот. Многу е веројатно дека тоа ќе се случи повторно ако зачестат врнежите.

Но, тоа не е единствениот проблем бидејќи повеќе врнежи исто така значи повеќе топење на мразот, па страшната ситуација станува полоша. Во текот на изминатите неколку месеци на Антарктикот беше забележан најтоплиот летен топлотен бран.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik